Министерот Меџити најави реновирање на повеќе клиники во Скопје

Позитивната листа на лекови треба да се ревидира по 13 години. Стручна комисија два пати месечно ќе ги разгледува барањата на фармацевтските компании


Од прес-конференцијата на министерот за здравство Фатмир Меџити (Фото: Б. Грданоски)

 

Психијатриската клиника, клиниката за радиологија, КАРИЛ, се дел од зградите на Клиничкиот центар во Скопје кои ќе бидат реновирани во следниот период, каде се планира и изградба на катни гаражи за да се реши проблемот со паркирањето. Дополнително, тече и постапката за изградба на болницата во Штип, каде беше раскинат договорот, затоа што според министерот Фатмир Меџити изведувачот не испочитувал ниту еден од предвидените рокови за финализирање на изградбата.

„Ќе има целосно реновирање на Психијатриска клиника. На Радиологија потпишавме донација со кинеската амбасада околу одредена сума за хируршкиот дел. При крај ни се подготовките да почне процедурата, јавна набавка, тендер, за целосно реновирање на КАРИЛ, каде се  најтешките случаи од сообраќајни незгоди и таму условите не се добри во моментот. За тоа веќе имаме осигуран буџет“, информираше министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната прес-конференција, каде беше претставен новиот правилник за ставање лекови на позитивната листа..

При крај се и подготовките за најавените катни гаражи на Клинички, кои треба да бидат готови до крајот на годината.

„Тетово веќе има ургентен центар. Се работи на трансфер на некои оддели. Штип, знаете што одлучив, после колку години што не се гради“, рече Меџити, за болницата која со градба почна во 2016 година. Според идејниот проект болницата е со површина од 34.000 м2, на пет каскадно поврзани нивоа. За градежните работи и ентериерно уредување со целата потребна медицинска опрема планирана беше инвестиција од 46 милиони евра.

Завршувањето на изградбата на новата кичевска болница која се гради повеќе од 30 години не е ниту на повидок, иако лани беа одвоени милион евра за да се доврши изградбата. Според изјави од Министерството за здравство во игра е еднострано раскинување на договорот со фирмата, бидејќи на терен не се работи ништо.

На прес-конференцијата се зборуваше и за позитивната листа на лекови. Претседателката на стручната комисија која ќе ги разгледува апликациите на фармацевтските компании, доктор Љубица Шутуркова вели дека листата ќе се ревидира после 13 години. „На ваков начин ќе имаме поголема достапност на иновативни лекови во македонските ограничени ресурси“, рече таа.

Комисијата ќе работи според правилник кога ќе одлучува кој лек да се најде на позитивната листа, а тој е усогласен со правилници создадени и применувани во Европската унија. Ќе се вреднува дали лекот е значаен по јавното здравје, какво е неговото терапевтско значење, фармакоекономските ефекти, етичките аспекти и какви се научните сознанија за лекот.

Комисијата ќе се состанува двапати месечно и ќе ги разгледува барањата од фармацевтските компании, а потоа своите заклучоци ќе им ги доставува на министерот за здравство и на управниот одбор на Фондот за здравство за да тие го дадат финалниот збор дали лекот ќе се најде на позитивната ревидирана листа на лекови.