Меџити: Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“ ќе создаде нова културна традиција во Скопје
Општина Чаир годинава по првпат го организира Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“, чија цел е да воспостави нова уметничка традиција и дополнително да го афирмира Скопје како значаен културен центар во регионот, истакна градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
На денешната прес-конференцијата Меџити нагласи дека културата и вредностите се еден од клучните столбови што го одржуваат и развиваат едно општество, поради што вложувањето во културата претставува вложување во идентитетот.
– Скопје одамна го заслужува епитетот град на културата. Неговата историја е изградена врз средбата на цивилизациите, традициите и богатото културно наследство, кое успешно му одолева на времето – рече Меџити.
Тој посочи дека од 23 до 26 јули, објектите Сули-ан и Куршумли-ан ќе бидат домаќини на фестивалската програма, каде класичната музика ќе се спои со амбиентот и историјата на Старата скопска чаршија.
Според Меџити, фестивалот што ќе се одржува под уметничко водство на светски познатата оперска дива Инва Мула и сопранистката Дшира Ахмети, ќе обедини истакнати домашни и странски музички имиња, нудејќи програма што ќе го збогати културниот живот во главниот град.
Градоначалникот нагласи дека амбицијата на организаторите не е фестивалот да остане еднократен настан, туку да прерасне во препознатлива културна институција која ќе се развива од година во година.
– Нашата цел е да изградиме културна институција што ќе расте со секое наредно издание, ќе привлекува уметници од различни земји и ќе го направи Скопје традиционално место за средба на уметниците и љубителите на класичната музика од регионот и пошироко – истакна Меџити.
Тој додаде дека фестивалите како „Чаршија“ имаат поширока општествена улога, бидејќи претставуваат мост меѓу културното наследство и современото творештво, придонесувајќи за зачувување и развој на културниот и националниот идентитет.