Меџити го разреши д-р Јовев: Веќе нема директори кои седат и спијат по 10 години


Министерот за здравство Фатмир Меџити го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Сашко Јовев, кој го предводеше тимот што ја изврши првата трансплантација на срце во Македонија.

Меџити на промоцијата на новата онлајн услуга за електронска регистрација кажа дека д-р Јовев е разрешен.

-Веќе нема директори кои седат и спијат по 5-10 години и немаат никаков резултат. Затоа здравството ни е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и сè друго, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток. Тоа е кадар на коалициониот партнер на СДСМ, тие ќе предложат друго име. Нема никој тука да биде вечно, бесмртен да биде. Ниту јас, ниту директорите. Кој нема да сработи, ќе биде отпуштен, кажа Меџити.

-Овие се транзиторни, минливи позиции и функции. Нема некој засекогаш тука, бесмртен да биде, ниту јас ниту некој друг, ниту директорите, нагласи Меџити по промоцијата на новата онлајн услуга: електронска регистрација на новороденче. 

Министерот за здравство упати пофаба за работата, функционирањето и доброто менаџирање во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“-Чаир. 

Одговорајќи на новинарско прашање за смртните случаи со Битолската болница, Меџити изјави дека Министерството за здравство и неговиот Кабинет од почеток биле, како што рече, многу транспарентни за оваа тема во Битола, но тоа сега е во друга надлежност.

– Тоа веќе е во надлежните институции, во Обвинителството и ние тука не смееме ништо да кажуваме, повтори Меџити.

Прашан колку кадар се вработи во битолската болница и колку реорганизации се направени, Меџити изјави дека по Ковид пандемијата и по економската криза во државата, сите барања се пренасочено во Министерството за финансии. 

-Чекаме одговор од таму и не стоиме со вкрстени раце. Пак побарав, ќе има и една посебна седница на Влада за која ќе разговараме токму за здравството и за овие вработувања. Не седиме така, работиме многу, ќе бараме, но, тоа не зависи од нас и од мене како министер. Тоа што ми е пратено како молба, како барање, како потреба за вработувања, за тоа и денеска дискутиравме. Ако некој доаѓа со договор на дело, може да е шест месеци и потоа по автоматизам да добие решение за работа, а не да седи по пет-шест години или десет години, образложи министерот за здравство. Додаде дека затоа бараат законски можности и промена на закон. 

Потенцира дека затоа побарал посебна седница на Влада за да се зборува токму за вработувањата во здравството.