Меџити: Додека јас сум министер, доцнење на набавки за лекови повеќе нема да има


– Додека сум јас министер доцнење на набавки за лекови повеќе нема да има, порача министерот за здравство, Фатмир Меџити, на средбата со претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари.

Во текот на разговорот, каде беа присутни и стручни служби на министерството, надлежни за проблематиката, меѓу кои и претседателот на Комисијата за дијабетес, Ирфан Ахмети, Меџити истакна дека тие имаат целосно разбирање за ситуацијата во која се наоѓаат лицата со дијабетес во земјава и максимално се заложуваат актуелните предизвици да бидат надминати.

– Правиме сè што е во наша моќ што побрзо се завршат правните процедури кои како институција мора да ги почитуваме. Како што веќе во неколку наврати информиравме, во моментот течат жалбените постапки на набавката на ленти, процедура која не зависи од министерството. Доколку Второстепена комисија ја одбие жалбата веднаш ќе се пристапи кон склучување на договорот за набавка на ленти и глукометри за пациенти со тип 1 и тип 2, информираше Меџити.

Тој на претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари им објасни дека откако ќе стигне решението од Второстепена комисија при Државна комисија по жалби за јавни набавки – одлуката станува конечна, по што веднаш ќе биде склучен договорот за набавка на ленти и глукометри за тип 1 и тип 2 и во најбрз можен рок ќе се почне со распределба во инсулинските аптеки.

– Сите процедури во рамки на Министерството за здравство се завршени во најкраток рок, навистина жалам што набавката доцни, таа требала да се започне уште во декември од претходното раководство, истакна Меџити.

Тој ја потпиша одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на сензори за континуирано мерење шеќер во крвта за сите деца со дијабетес, како и бремени жени и слепите лица, кои првпат ќе добијат вакви сензори.

Најави и дека при крај е анализата за пронаоѓање модел за да се избегнат досегашните проблеми.

Министерството за здравство побара разбирање од пациентите за оваа состојба која вети дека во брзо време ќе биде надмината, а Меџити истакна дека по преземање на функцијата максимални ќе се заложи ваквите застои во набавките повеќе никогаш да не бидат случај.