Медведев треба да посети психијатар, вели ЕУ


 

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација Дмитриј Медведев, кој изјави дека е неопходно да се заземе Киев, бидејќи овој град наводно претставува „закана“ за постоењето на Русија, треба да побара помош од психотерапевт, рече официјалниот претставник на Службата за надворешна политика на ЕУ, Питер Стано.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој истакна дека ЕУ обично не коментира „чудни изјави од луѓе кои очајно се обидуваат да привлечат внимание, особено ако се секогаш број два“. „Иако е одлично што дотичниот јавно ја пренесува својата дијагноза во врска со неговата ментална здравствена состојба, единственото нешто што може да се каже овде е да се препорача консултација и помош од специјалист“, рече Стано.

Во исто време, тој изрази сомневање дека Русија може да си дозволи да инвестира во социјалното осигурување и здравствената заштита со оглед на милијардите што ги потроши за војната.

Стано додаде дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина и да ѝ обезбедува сѐ што ѝ е потребно, без разлика колку чини: „Муниција, опрема, воена опрема, системи за противвоздушна одбрана и така натаму, за Украина на крајот да може да победи во оваа војна“.

Претходно, Медведев рече дека руските трупи би можеле да стигнат до Киев и да го освојат овој „руски град“, кој сè уште е „контролиран од меѓународната бригада на руски противници“ предводена од Соединетите Држави и затоа претставува „закана“ за Москва.

Медведев, исто така, јасно стави до знаење дека слична судбина се чека и за Одеса. „Ја чекаме Одеса во Руската Федерација, дури и поради историјата на овој град, какви луѓе живеат таму, на кој јазик зборуваат. Ова е нашиот руски, руски град“, рече тој.