Медведев и натаму се надева на настап на Вимблдон


Англија – Вториот светски тенисер, Русинот Данил Медведев, сè уште се надева дека ќе добие право да игра на третиот годинешен грен-слем турнир во Вимблдон, иако организаторите забранија настап на руските и белоруските тенисери и тенисерки поради инвазијата на Русија врз Украина.

Забраната изречена од организаторите на Вимблдон и Британската тениска федерација претходно остро ја осудија АТП и ВТА, како и бројни тенисери, а Шпанецот Рафаел Надал одлуката ја нарече „неправедна“.

– Не знам дали оваа одлука е 100 проценти дефинитивна за мене. Доколку можам да настапам ќе бидам среќен што ќе можам да играм на Вимблдон. Го сакам овој турнир. Доколку не можам да играм, ќе се обидам да настапам на други турнири и добро да се подготвам за следната сезона“, изјави 26-годишниот Медведев, кој триумфираше на последното издание на Ју-Ес Опен.