Медот и неговата исцелителна моќ


Сите го сакаат вкусот на медот, па така децата, но и возрасните, немаат проблем да го конзумираат на редовна основа, но и кога се заболени и затоа ова е омилен продукт кој што е хранлив и лековит.

Една лажица мед во просек содржи 64 калории, 17 гр. шеќер, вклучувајќи фруктоза, глукоза, малтоза и сахароза, потоа околу 17 гр. јагленохидрати, 1 мг. калциум и има траги на железо. Тој не содржи речиси воопшто протеин, витамини или маснотии, но сепак има голема хранлива вредност, бидејќи има биоактивни растителни компоненти и антиоксиданси. Потемните видови на медот содржат повеќе антиоксиданси, материи кои што му помагаат на телото да ги отстрани слободните радикали, кои се продукти од различните метаболички функции, а останати состојки се флавонидите и фенолите, кои што помагаат при инфекциите од различно потекло.

Медот, исто така, е одлична замена за шеќерот и може да помогне при намалувањето на таканаречениот лош холестерол, потоа триглицеридите и воспалувањата и природно да го намали крвниот притисок. На тој начин го чува срцето во добра состојба, помага при артериосклерозата и го намалува ризикот од мозочен удар. Медот по природен пат го промовира слабеењето, особено ако често пати се заменува со белиот шеќер и може да помогне при диабетот од типот 2.
Бидејќи се користи и надворешно, медот особено е корисен ако се применува да се третираат изгореници и рани, особено оние кои што се инфицирале во постоперативна фаза. Тој е одличен лек за третман на чиреви, бидејќи има антибактериски и антивоспалителни својства, како и способност да ги храни околните ткива. Затоа и многу видови на домашно направени креми содржат мед или пчелин восок, кои што помагаат и при псоријазата или херпесот и ја оддржуваат влажнотијата на кожата.
Кај децата медот помага при силните кашлици и респираторните инфекции и на тој начин го подобрува спиењето и квалитетот на сонот, а анализите покажуваат дека неговото користење може да биде поефектно од користењето на многуте видови сирупи против кашлица. Тоа особено се однесува ако медот се користи повеќе пати во денот за да се смири кашлицата, во комбинација со различни видови чаеви и ѓумбир.
При дигестивните потешкотии, медот може да помогне да се смири надразнетата слузокожа од дигестивниот тракт и да се обноват мукозните мембрани. Тој е одличен лек против улцер, дијареја, како и за синдромот на иритабилни црева.
Духовната и терапевтска употреба на медот може да ја откриеме и во ајурведските списи во древната Индија, кои што се создадени од пред околу 4000 години и сугерираат користење на мед во подготовки на многу видови лекови.

Сите видови мед треба да се користат служејќи се со дрвена лажица.