Медиумите ќе имаат пристап до првостепените неправосилни пресуди на веб страниците на судовите


Министерството за правда ја разгледа Иницијативата за измена на членот 9 од Законот за управување со движење на предметите што ја поднесе Судско – медиумскиот совет. На денешната средба на министерот за правда Кренар Лога со претставниците на Судско-медиумскиот совет, Васко Маглешов, Емилија Шопар и Саније Дураку, договорено е измените да бидат вметнати во Стратегијата за развој на правосудниот систем 2023-2027.

-Со измените на законот ќе се овозможи јавно да се објавуваат првостепените неправосилни пресуди на веб страницата на судот со посебна мерка: Пристап на јавноста до првостепените неправосилни пресуди со измени на Законот за управување со движење на предметите во судовите, се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Дел од прашањата за кои се дисутирало на средбата, како што е посочено во соопштението, била и потребата од транспарентност и отвореност на повисоките судови за јавноста како и наоѓање на соодветно софтверско решение за подобрување на судскиот систем.

Од Министерството за правда посочуваат дека во целост ги поддржува заложбите и активностите кои ќе придонесат кон зголемување на независноста, самостојноста, транспарентноста и интегритетот на правосудниот систем.