Медитеранот загрозен од затоплувањето, бегаат рибите и се множат медузите


Тропизацијата на Медитеранот е неконтролирана, температурите се зголемуваат за 20 отсто побрзо од глобалниот просек, мигрираат риби, се појавуваат инвазивни видови додека исчезнуваат автентичните, се уништуваат морските корални гребени,а се шири популацијата на медузи. Горенаведените последици од климатската криза на Медитеранот се откриваат во неодамнешниот извештај на Светскиот фонд за диви животни насловен „Ефектот на климатските промени во Медитеранот: Шест приказни од прегревање на морето“. Извештајот дополнително ги објаснува шесте следни примарни ефекти на климатските промени врз Медитеранот:

Зголемената температура на водата создава „тропски“ услови. Резултатот е дека автохтоните видови или се раселуваат или изумираат. Речиси 1.000 нови странски видови (126 од нив се риби) влегле во Средоземното Море, предизвикувајќи намалување на староседелските популации. Во израелските води, популациите на домородните мекотели се намалија за околу 90 отсто, додека странските видови, вклучувајќи ги и мрачните риби „spinefoots сега сочинуваат 80 отсто од уловот во Турција. Паралелно, видовите од југ, како што се баракудата, сега се среќаваат крај брегот на Лигурија во Северна Италија.

Има значајно проширување на популацијата на медузи, особено во јужните региони, кои доживеаја се почести и долги експлозии на оваа популација. Долготрајниот прекумерен риболов драстично ги намали популациите на  риби кои претходно се натпреваруваа со медузите за храна, а денес одредени рибари ловат повеќе медузи отколку риби.

На ливадите со подводната Нептунова трева им се закануваат сѐ повеќе топли води и порастот на нивото на морето, што имаше катастрофално влијание и врз биодиверзитетот и складирањето на „синиот јаглерод“, односно на морските растенија кои апсорбираат јаглерод диоксид од атмосферата. Се проценува дека ливадите со Нептунова трева складираат 11-42 отсто од емисиите на СО2 во Медитеранот.

Околу 30 отсто од сите црвени корали во Лигурското Море беа уништени по една бура во октомври 2018 година. Покрај тоа, многу други видови корали кои придонесуваат за сложени медитерански екосистеми се уништуваат од екстремните временски феномени со зголемена фреквенција.

Околу 80-100 отсто од популацијата на школки неодамна беа изгубени во близина на Шпанија, Италија и други региони поради зголемената стапка на смртност. Тие се најголемиот ендемичен мекотел во Медитеранот и обезбедуваат засолниште за 146 други, помали видови.

Извештајот на WWF укажува на опасната врска помеѓу ефектите од климатските промени од една страна и оние предизвикани од директниот човечки притисок врз морскиот живот, преку прекумерен риболов, загадување, развој на крајбрежјето и пловење, од друга страна.

Клучна мерка што е неопходна за да се запре нашето негативно влијание врз морето е создавањето и ефективното управување со морските заштитени подрачја. Денес, таквите области зафаќаат само 9,68 отсто од Медитеранот, од кои само 1,27 отсто се значително регулирани. Неодамна, истражувањето на WWF Mediterranean Marine Initiative забележа дека 30 отсто од Средоземното Море треба да биде заштитено за да започне обновувањето на екосистемите, за да им се овозможи на популациите на риби да се опорават, за да се ублажат ефектите од климатските промени и за да обезбедат одржлив риболов и туризам, заради безбедност на храната и просперитет за локалните заедници. Панагиота Марагу, директор за заштита на WWF Грција, истакна: „Целта ни е да заштитиме 30 отсто од Средоземното Море со ефективни мерки за управување, со цел да го намалиме притисокот врз екосистемите и да им помогнеме да станат отпорни на климатската криза, истовремено преиспитувајќи го начинот како ги користиме природните ресурси“.