Медијапул: Скопје категорично ја одби „понудата“ на Софија


Бугарскиот портал „Медијапул“ напиша денес дека Скопје категорично ја одбило понуддата на Софија според која Бугарија треба да го прифати македонскиот јазик и идентитет, но Македонија да признае дека тие имаат бугарска основа.Така, оценува медиумот, станува сè поверојатно дека Бугарија ќе го блокира усвојувањето на рамката за преговори на Северна Македонија следниот месец и првата меѓувладина конференција планирана за декември.

Медиумот ја цитира изјавата на премиерот Зоран Заев во која вели дека  „ние нема да преговараме за идентитетот на Македонците и македонскиот јазик, бидејќи тоа се  нашите црвени линии “. Уште повеќе се пренесува пораката на премиерот дека тој очекува отстапки од Софија околу македонскиот јазик и нацијата и дека нема да има нов договор ниту пак анкес со Бугарија.

Од бугарската влада не ги коментираат пишувањата на „Политико“ за нивната понуда, но бугарски дипломатски извори за „Медиапул“ изјавиле дека нема напредок на оваа тема и засега Македонија не ги прифаќа бугарските услови. Министерствата за надворешни работи на двете земји се во постојани преговори, но според нив нема решение за случајот. Иако, според „Медијапул“ вицепремиерот Красимир Каракачанов се жали на европскиот притисок да и се дозволи на Македонија да почне преговори, Софија останува непоколеблива во намерата да ја запре Северна Македонија доколку не направи вистински отстапки. Бугарија ќе инсистира нејзините барања да бидат вклучени во преговарачката рамка на Северна Македонија, ако не, нејзиното усвојување може да биде блокирано од Софија.

Овие прашања ќе бидат разгледани на состанокот на Советот за општи работи, закажан за 10 ноември.

Имајќи предвид дека Бугарија има рамковна позиција на својот парламент, усвоена со политички и национален консензус во 2019 година, владата нема избор и ќе ја запре Северна Македонија ако не стори нешто значајно за деблокирање на процесот, коментирале дипломатски извори за „Медиапул“.