Медијацијата како полесен и побрз пристап до правда, наспроти судската постапка
Во рамки на Европскиот ден за граѓанска правда, што има за цел да ги доближи граѓаните до правосудството и пристапот до правда на начин на кој тие подобро ќе се запознаат со своите права и начинот на нивното остварување и заштита, денеска Институтот за европска политика (ЕПИ) организираше дискусија на тема „Со медијација кон подобрување на правото за пристап до правда“.
ЕПИ го организира настанот во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Комора на медијатори на Република Северна Македонија и Холандска федерација на медијатори, како дел од проектот „Медијација без дилема“.
Ардита Абази Имери, програмска директорка во Институтот за европска политика посочи дека е спроведено истражување со претставници на јавната администрација како и приватниот сектор, со компаниите – големи, мали и средни, за тоа колку се запознаени со медијацијата, која е фактичката состојба и каде треба понатаму да се унапреди институционално употребата на медијацијата.
– Тоа истражување засега покажа дека генерално сè уште постои големо ниво на неинформираност од претставниците на јавната администрација, како и приватниот сектор за медијација. Таму каде што се запознаени, сè уште нема желба за решавање на спорови преку медијација. Исто така, тие најавуваат дека е потребна поголема промоција, иако се запознаени со законските решенија, како што е заклучокот на Владата во 2019 година за упатување на спорови за решавање на медијација, како и решавање на споровите до еден милион денари, додава Абази Имери.
Таа информираше дека е интересен фактот што на локално ниво, институциите сè уште мислат оти нема позитивни страни за решавање на спорови преку пат на медијација, додека приватниот сектор би го решавал спорот по пат на медијација.
– Врз основа на резултатите што дојдоа од анализата на испитувањето на јавното мислење во јавната администрација и бизнис заедницата, можеме да констатираме дека нашите задачи ќе бидат уште поконкретни. Имено, заедно со своите партнери при реализација на овој проект, во наредниот период ќе се фокусираме на промоција на медијација, што подразбира информирање и едукација на одредени целни групи од јавниот сектор и бизнис заедницата, како и на населението во целина, посочи Славе Младеновски, претседател на Комората на медијатори.
Врз основа на одредена анализа, Младеновски вели дека Македонската радио-телевизија и Телевизија 24 се најголемите поборници, приврзаници и поддржувачи на медијацијата во Северна Македонија, со над 50 телевизиски спотови, емисии и разговори направени за изминатите четири години.
Во однос на состојбата со Ковид-19 тој вели дека, постапките за медијација се намалени во извесен број.
– Самата комора функционираше многу потешко. Неколку конференции ги одржавме преку Зум, што беше голем напредок. Лично учествував на неколку меѓународни конференции каде ја промовирав Северна Македонија на планот на резултатите што ги постигна во медијацијата каде што сите се согласија дека сме најдобри и ветија дека ќе ги користат македонските искуства во промоција на медијацијата, а тука пред сè се мисли на задолжителниот обид и на воведувањето лиценца за медијаторите, додава претседателот на Комората.
Согласно досегашните резултати презентирани од Министерството за правда, Младеновски истакна дека во е-регистарот е забележан најголем процент на работни спорови што се доброволни, а потоа се стопанските за долг до милион денари.
– Мислам дека овој тренд ќе продолжи и лично мое залагање е уште повеќе медијацијата да се користи како доброволна постапка на страните, бидејќи на овој начин со промоција на медијација ние всушност испраќаме порака до граѓаните и до деловните субјекти, дека медијацијата може да им помогне спорот да го решат за неколку дена и за пари кои во споредба со судската постапка е еден наспрема десет, заклучи Младеновски.