Медицинските училишта го чекаат посебниот Kонкурс за стипендирање дуални паралелки


Фото: Б. Грданоски

 Раководствата на средните медицински училишта и на  здравствените паралелки во Штип, Тетово и Гостивар најавуваат дека ако до крајот на месецот, Министерството за образование и наука не го распише конкурс за стипендирање на околу 600  средношколци од дуалните паралелки, училиштата ќе поднесат претставка за дискриминација до Народниот правобранител.

Директорката на СОУ „Јане Сандански“ – Штип Марија Николиќ вели дека ваквата одлука е донесена во сите три училишта.

-Во сите училишта се донесени вакви одлуки од страна на Советот на родители, Училишниот одбор, Советот на наставници и секако доколку Министерството не остане на својот збор, ние сме подготвени да поднесеме претставка до Народниот правобранител за да се реши, односно се регулира овој случај и да не влеземе во процес на направена дискриминација  на учениците, како што беше и во конкурсот, рече Николиќ.

Таа додава дека стипендирањето на учениците во здравствените струки во дуалните паралелки беше голем мотив за запишување на учениците во овие училишта, бидејќи предвидени се и повеќе часови за практична настава.

-Би сакала да истакнам дека една од мотивацијата беше токму стипендирањето на учениците, зголемување на фондот на практична обука и со оглед на тоа што здравствената струка припаѓа во секторот стручнo образование, ние го прифативме предизвикот од МОН, ги направивме сите чекори, добивме согласност од МОН за формирање на дуални паралелки и една од причините за нашиот револт и разочарување беше токму конкурсот за стипендирање на учениците,  вели Николиќ.

Надлежните од Министерството за образование и наука и минатиот месец и денеска потврдуваат дека во текот на ноември ќе биде распишан нов оглас за стипендии наменет само за средношколците од дуалните паралелки во здравствените струки.