Медицинските лица пиеле кафе во заштитна облека


Непочитување на протоколите, неправилно облекување и соблекување на заштитната опрема, се главните причини зошто заболува медицинскиот персонал, посочи денеска епидемиологот Жарко Караџовски. Тој истакна дека бил во посета на медицинските установи во државата и лично се уверил дека не ги почитуваат протоколите и не знаат правилно да ја користат заштитната опрема.

„Лично се уверив дека не се почитуваат протоколите и редоследот на облекување и соблекување. Oдат надвор да пушат цигари со истата заштитна опрема, седат на кафе пиење заедно во иста просторија, а некои од нив може да се заразени во домашни услови. Заради тоа беше спроведена едукација на медицинскиот персонал. На Инфективната клиника нема ниту еден заболен од медицинскиот персонал затоа што знаат правилно да ја користат заштитната опрема“, изјави Караџовски.

Досега 117 здравствени работници се заразени со коронавирусот, покажуваат последните податоци на Институтот за јавно здравје. Ова значи дека, за многу кратко време двојно е зголемен бројот на заразени кај медицинскиот персонал.

Заболени со КОВИД-19 има во болниците во Скопје, Штип, Куманово, Дебар, Кавадарци, Битола, Прилеп, Охрид, Демир Хисар, Гостивар и Тетово.

Последно, во кумановската болница се заразени нови 6 медицински лица , со што во оваа болница има вкупно 28 заболени од медицинскиот персонал. Заболени се и седум други здравствени работници кај матичните лекари и во Здравствениот дом во Куманово.