Медицинската струка најбарана на уписот за средно во Прилеп


На уписите во петте средни училишта во Прилеп, најголем интерес има за медицинските струки. Првиот ден од првото пријавување во јуни денеска се спроведува со заштитни мерки и со прием на документите по азбучен ред, како што наложи протоколот од Владата.

Меѓу пет струки во средното училиште „Ѓорче Петров“ е и медицинската. Директорот Страшо Ѓорѓиески рече дека од медицинската струка има насоки за медицински сестри, за гинеколошко-акушерски, за физиотерапевтски и за фармациски техничар, за што има најголем интерес.

-Тука се струките за услужни дејности, фризерско и козметичарска насока за што има  голем интерес. Тука се дрвната, текстилната, рударско-текхничката струка, објасни Ѓорѓиески.

Според Каролина Николоска, советник за образование во локалната сампоуправа, годинава има 680 полуматуранти во кои и 100 од другите општини. Иако има доволно слободни места, рече таа, и натаму интересот е најголем за медицински струки, а потоа за упис во гимназијата и во електро-машинското училиште.

-Во петте средни училишта во Прилеп има 1.546 слободни места. Но станува најголем интересот за медицинските струки каде што за едно место се пријавуваат и по тројца кандидати. Таму се бараат минимум 70 бода. Во гимназијата се 306 слободни места, а и таму интересот е голем. Изненадува електромашинското средно училиште каде што сè повеќе ученици сакаат да се запишат. Особено во дуалното образование и ќе побарам уште две паралелки. Тука финансираат компаниите за профилите кои ги бара пазарот на трудот. За жал, последниве години најмалку интерес има во економското средно училиште и во хемиско-тутунското. Но конкретно ќе знаеме со крајот на овој прв уписен рок кој завршува в петок, а попладнето ќе ги има резултатите, рече Николоска.