Медицинска екипа влезе во Кривичен каде се одлучува за притворот на Јанева


Возило на брза помош пристигна денеска пред Кривичниот суд, каде се наоѓа специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која треба да биде изведена пред судија во претходна постапка во која ќе се одлучува по барање на ЈО за одредување мерка притвор.

Медицинскиот тим на брзата помош влезе во зградата на судот, кусо откако таму пристигна и адвокатот на Јанева, Стеван Павлески. Тие влегоа во зградата и по кусо време излегоа и го напуштија местото.

Не одговорија на прашањата на новинарите дали евентуално интервенирале поради влошена здравствена состојба на обвинителката.

Изутринава по долго боледување починала мајката на Катица Јанева, погребот е закажан за утре, а нејзиниот адвокатот при влезот во Судот, рече дека секако ќе побараат да и се овозможи да замине на погребот и оти такво нешто и адвокатите не ни треба да бараат, тоа се подразбира.

Претходно обвинителката Вилма Рускоска кажа смртниот случај нема да влијае на барањето за притвор.