„Медена земја“ од 26 јули во кината во САД, во Скопје на крајот на август


Документарниот филм „Медена земја“ од 26 јули ќе се прикажува во кината во САД. Застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, која ги откупи правата за прикажување во Северна Америка, македонскиот победник на „Санденс“ ќе има кинодистрибуција во селектирани киносали, вклучувајќи ги „Ламли Ројал“ во Лос Анџелес и „Куад синема“ во Њујорк.

Продукцијата на филмот информира дека дистрибутерот на филмот во САД, „Неон“, иако е млада компанија, во изминатите неколку години застапувал познати и наградувани нови наслови. На почетокот на проекциите режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска имаат средби со публиката и со претставници на медиумите, во Лос Анџелес на 22 и 23 јули и во Њујорк на 25 и 27 јули.

Филмот беше прикажан во „Синема Детроит“ во Детроит, како и во „Реј старк фемили театар“ и на Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Анџелес. На 24 и 25 јули следуваат проекции во Џејкоб Брнс филм центар, а наредниот  ден и во „Куад синема“ во Њујорк. На 16 август ќе се прикажува во Форт Колинс во Колорадо.

„Медена земја“ ќе може да го погледне и публиката во Австралија на 31 јули на фестивалот „Stronger Than Fiction“ во Канбера, а на 2 и 18 август во Мелбурн. Во текот на летото ќе продолжи учеството на филмските фестивали, меѓу кои и на еден од најголемите во регионот ‒ Сараевскиот филмски фестивал, кој ќе се одржува од 16 до 23 август.

На крајот на август „Медена земја“ ќе биде прикажан пред домашната публика, на  Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, а потоа ќе  биде на редовниот репертоар во македонските кина.

По триумфот на филмскиот фестивал „Санденс“ во јануари, документарецот  беше прикажан и награден на повеќе од 20 фестивали. Филмот го очекуваат кинодистрибуции во САД, Канада, Велика Британија, Германија, Австрија, Полска, Белгија, скандонавските земји, Шпанија, Турција, Кина, Јужна Кореја и Австралија.