„Медена земја“ македонски кандидат за Оскар

Филмот „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов следната година ќе биде македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм “.

Како што информира Друштвото на филмски работници, одлуката ја донела Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата во состав на Игор Иванов, режисер и претседател на ДФРМ, Ангела Несторовска, продуцент, Аксел Мехмед, актер, Сашко Потер Мицевски, филмски монтажер и дизајнер на звук, Игор Ангелов, актер, Дина Дума, режисер и Горан Игњатовски, мејкап дизајнер, а е прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука.

Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска, „Еј“ во режија на Васил Христов, „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски, „Боите на Преспа“ во режија на Перо Попов и „Џезмен“ во режија на Аљоша Симјановски.

„Медена земја“ е во трка и за уште една престижна награда – за најдобар документарец на „Европските филмски награди“ , што ги доделува „Европската филмска академија“. Тој е во конкуренција од 12 филмови за наградата најдобар европски документарец за 2019 година.
Пет од дванаесетте кандидати ќе влезат во потесниот избор кој ќе биде објавен на 9 ноември во Севиља, Шпанија. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3600 членовите на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин.
„Медена земја“ деновиве доби уште неколку признанија. Викендов освои гран при на Интернационалниот фестивал за документарци (EIDF) во Кореја (EBS International Documentary Festival / EIDF / D-BOX).

Публиката на неодамна одржаниот „Сараевски филмски фестивал“, пак, го избра „Медена земја“ за најдобар документарец. Според гласовите на гледачите, македонскиот документарец доби вкупна оценка од 4.85, со што стана и најдобро оценет филм прикажан на фестивалот.
Официјалната македонска премиера на документарецот ќе се одржи денес, 28 август во Куршумли ан, на затворањето на 10. издание на фестивалот за документарни филмови „Македокс“. Истиот ден, во рамки на фестивалот, ќе има проекција и во Младинскиот културен центар.

Пoчнувајќи од 29 август (четврток), македонскиот победник на „Санденс“ ќе се најде на редовниот репертоар во скопското мултиплекс-кино „Синеплекс“ во „Скопје сити мол“.

Американските медиуми, меѓу кои и влијателните „Њујорк тајмс“ и „Лос Анџелес тајмс“, објавија одлични рецензии за документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland). Македонскиот победник на „Санденс“, кој застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“ од 26 јули се прикажува во кината во САД, ги одушеви критичарите, соопшти продукцијата на филмот.

Во текстот со наслов „Бодежот и благоста“ (The Sting and the Sweetness) критичарот на „Њујорк тајмс“  A.O. Скот  вели: „Документарецот за конфликтот на македонската пчеларка со нејзините соседи станува лирска еколошка приказна“. Нагласува дека уште во првите минути документарецот „Медена земја“ е одушевувачки, возвишен, необичен и богат со човечка и природна убавина – како на филм.

– Можеби е необично да се каже за документарен филм, но „Медена земја“ ме потсети на книгата за деца „Лоракс“ од Теодор Гајзел, познат како д-р Сеус. Тоа е одлична, длабока приказна со еколошка порака. Како и насловниот лик во таа приказна, така и Атиџе е еден вид пророк. Таа зборува во името на пчелите, пишува, меѓудругото,  рецензентот од „Њујорк тајмс“.

Филмскиот критичар Џастин Чанг во рецензијата за „Лос Анџелес тајмс“ со наслов „’Медена земја’ е потресен документарец за начин на живот што исчезнува“ (‘Honeyland’ is a heartbreaking documentary about a vanishing way of life) вели дека првите сцени од волшебниот и трогателен документарец од режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов се чудесни за гледање.

-…„Медена земја“, кој освои три награди на годинашниот „Санденс“, благородно поттикнува на коегзистирање, за животот во деликатна рамнотежа со природата. Но, исто така станува нешто повеќе: застрашувачка слика на тоа колку брзо и лесно може да се наруши тој баланс…, пушува меѓу другото во рецензијата на „Лос Анџелес тајмс“

На „Ротен томејтос“ (Rotten Tomatoes) – водечкиот онлајн агрегатор на филмски и ТВ-критики, кој важи за еден од најрелевантните ресурси за препораки на филмови, „Медена земја“ има 100 отсто позитивни коментари. Документарецот деновиве доби позитивни коментари и од: „Њујоркер“, „Венити фер“, „Ролинг стоун“, „Атлантик“, „АВ клуб“, „Ноктурнал“, „Шокја“…  За филмот пишуваат и: „Нонфикшн филм“,  „Попбрејк“, „Вокс“, „Индивајр“ и „Дедлајн“.