Мебел од 5.000 евра ѝ пресуди на Катица


Иако јавноста очекуваше, сепак, вчера попладне беше помалку изненадена од веста дека по наредба на првиот човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, е приведена шефицата на СЈО, Катица Јанева, за случајот „Рекет“. Таа е осомничена дека прифатила влијание за олеснување на положбата на бизнисменот Орце Камчев во случајот „Империја“. Поточно за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, за разлика од првите двајца осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милески, кои се товарат за примање награда за противзаконито влијание и перење пари.

Секако, поизненадувачки од самото апсење изгледаше информацијата која на прес-конференција ја соопшти државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, дека постојат непобитни докази дека Јанева добила нов мебел вреден 298.000 денари за да ја олесни положбата на Камчев во истражната постапка. На начин на кој тој ќе добие својство на заштитен сведок и ќе ја запре постапката, или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета. Искористувајќи ја својата службена положба и овластувања, притоа, за двајцата други осомничени прибавила имотна корист од 1.500.000 евра.

Фото: Б. Грданоски

„Еден од осомничените (Боки 13 н.з.), врз база на претходно изградено блиско пријателство, влијаел врз Јанева да преземе недозволени дејствија“, рече Јовески поткрепувајќи го ова фактографски со датуми и активности со кои се реализирани сите ветени олеснувања кои во ситуација на неизменети околности започнуваат со барање за заменување на мерката притвор со поблага мерка – куќен притвор и укинување на мерката на претпазливост и враќање на патната исправа.

Јовановски и Милески, за да го убедат Камчев дека Јовановски има влијание врз Јанева, во повеќето средби телефонски преку спикерфон разговарале со специјалната јавна обвинителка. Откако Камчев и неговата сопруга Ана Камчева биле уверени во влијанието, двајцата осомничени побарале од него осум милиони евра. По ова, сопругата Ана Камчева му платила на посредникот Јовановски првин 500.000 евра, а потоа Камчев од куќен притвор, рече Јовески, уште милион евра.

Фото: Б. Грданоски

Спектакуларното апсење од домот во населбата Козле, проследено со многубројни камери, како и барањето за притвор дојде само еден ден откако Јанева помина речиси пет и пол часа очи в очи со Русковска, по што со насмевка на лицето на многубројните новинарски екипи пред обвинителството им кажа дека на распитот била во улога на сведок. Побара трпение и изрази очекување дека нејзиниот исказ ќе придонесе за забрзување на истрагата. Недоумици во јавноста предизвика и фактот дека наспроти праксата за сведоци пропишана со Законот за кривична постапка Јанева на распитот се појави со адвокатот, Стеван Павлески, кој е адвокат и на еден од осомничените во случајот „Империја“, Цветан Панделевски.

Тој вчера беше присутен во домот на Јанева додека полицијата правеше претрес и изнесуваше доказен материјал вклучувајќи го и мебелот кој заврши во полициски камион. Околу 13 часот Јанева најпрвин беше спроведена од нејзиниот дом на работното место во СЈО, од каде што, како што рече, Русковска бил одземен нејзиниот службен компјутер. Потоа повторно беше вратена во домот. Во 17 часот по долги маткања напред-назад беше однесена кај судија на предистражна постапка кој требаше да пресече дали таа ќе заврши во затворот „Скопје“ во Шутка.

Паралелно стигна и лошата вест дека утрото починала мајката на Јанева во градот од каде што потекнува и дојде на служба во Скопје, Гевгелија. Русковска на прес-конференцијата рече дека тоа нема да влијае на случајот.

Од Јавното обвинителство тврдат дека според досега обезбедените докази се работи исклучиво за кривично-правен настан и затоа случајот не треба да се политизира или, пак, да се поврзува со учество на лица од други држави.

„Нагласуваме дека нема ниту една индиција дека незаконски прибавените средства завршиле кај домашни или странски политичари. Јавноста може да биде убедена дека Обвинителството посветено го испитува целиот кривично-правен случај и дека за секој за кого ќе утврди дека презел кривично-правни дејствија ќе ја прошири истрагата“, рече Јовески.

Фото; Б. Грданоски

Катица Јанева е во фокусот на вниманието откако јавноста почна да ја препознава во новинарските текстови како обвинител кој е поврзан со изнудата на пари од бизнисмени во соработка со Бојан Јовановски и Зоки Милески. Иако мандатот на СЈО завршува на 15 септември, симптоматично е што таа поднесе оставка истовремено со приведувањето и притворањето на двајцата првоосомничени пред нешто повеќе од еден месец.

Кратко потоа од Италија, преку интернет0изданието на весникот „Ла Верита“, одекнаа телефонски разговори меѓу Боки 13 и Орце Камчев, во кои се слуша нејзиниот глас и како му ветува дека „сè ќе биде во ред“. Таа најпрвин индиректно потврди дека гласот е нејзин и порача дека обвинител е секогаш обвинител, па дури и кога разговара со Орце Камчев, но по завчерашниот распит беше претпазлива. „Мора да бидете трпеливи, тоа не можам сега да го кажам бидејќи ова е истрага. Треба да знаете дека во истрага не се споделуваат информации. Ќе има веројатно, се надевам, судење, се надевам ќе бидете присутни, ќе се гледаме уште“, рече Јанева.

Во писменото соопштение до јавноста Јанева тврдеше дека „како специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени за да ја подобрам позицијата во контекст на осомничените во истрагата“.

„Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“, напиша Јанева. За Камчев конкретно тврдеше дека преговарала да стане сведок во друга предистрага.

Проширената истрага допрва треба да каже дали Јанева ја зборува вистината или, пак, против неа ќе биде покренат обвинителен акт. Без оглед на епилогот СЈО во моментов практично е без шеф преку кој мора да поминат сите документи на потпис. Иако неговиот мандат истекува на 15 септември, сепак, се поставува и прашањето кој ќе ја замени шефицата бидејќи нема одредба во законот за СЈО во која точно е пропишано што се прави во ваков случај.

Државниот обвинител Јовески рече дека според законите Советот на јавни обвинители треба да констатира дека специјалната обвинителка е спречена да ја извршува функцијата и да именува вршител на должност од редот на обвинителите од СЈО. (Н.К.)