Ме вознемирува страотната, екстремна поделеност на македонската нација: Интервју со академик Влада Урошевиќ

Уживањето во уметноста (не само во литературата) е еден облик на спас пред сите оние страотни сознанија со кои секојдневно нѐ опсипува светот. Секој вид творештво е обид да се најде излез од безумствата на историјата, од обеспокојувачката свест за кусовечноста на нашата егзистенција, од обесмислувањето кое нѐ демне зад секој миг на разочарување во она во што сме верувале
Ме вознемирува страотната, екстремна поделеност на македонската нација, во која несогласувањата во политичките погледи одат во крајности – до жестока омраза, до желба за уништување, до граница на (наполу прикриената) идеја за физичко истребување на неистомислениците
Лејла Сабит
Ако поезијата ни помогне, барем само за миг, низ некој мал детаљ, да сфатиме дека животот е чудо, и дека самото наше постоење е нешто што е причина за радост – веќе со тоа го оправдала своето постоење, вели академик Влада Урошевиќ во интервјуто за „Независен“ по повод објавувањето на неговата нова книга „Viola arsenica; белешки за поезија“, во издание на „Готен“ и на МАНУ. Во книгата авторот ги искажува своите сфаќања за поезијата и поетската уметност, а се состои од извадоци од негови есеи, разговори, интервјуа, говори, автобиографски текстови, поговори.
Почнувајќи од „Еден друг град“ (1959), објавил десет збирки поезија. Помеѓу неговите прозни дела има шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Ги препеал на македонски „Цвеќињата на злото“ на Ш.Бодлер, како и изборите од поезијата на А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Бретон, А. Мишо, Ж. Превер.
За својот книжевен опус, Урошевиќ е именуван од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот ред
Како во ова време-невреме успева да се дистанцира од случувањата во реалноста и да пишува светска проза и поезија, што го радува, а што го вознемирува, во продолжение на интервјуто.
Зошто белешки за поезијата, а не нова збирка поезија?
Последната во низата мои збирки песни, „Безразборна лабораторија“, излезе 2019 година. А потоа, следната, 2020, излезе голем избор од мојата поезија „333 избрани песни“. Годинава мислев дека е прерано за нова поетска книга. Знаете, во писателските круговите не се гледа добро ако некој објавува секои две-три години нова збирка. „Почнува да ги штанцува“, велат злобните колеги. А, како што знаете, зад себе имам доста долг стаж на пишување поезија. И ми се стори како корисна идеја да ги соберам на едно место попатно пишуваните „белешки за поезијата“, во кои го изнесувам моето поетско искуство. Така почнав да ги барам тие текстови, од кои некои беа стари повеќе од половина век. Собирајќи ги, и додавајќи нови, пред мене се укажуваше некаква целина за која мислев дека е вредна за објавување. Имав среќа да најдам извонредни соработници кои веднаш сфатија што сакам и ми помогнаа тие мои текстови да оформат нешто што ќе има не само содржина, туку и облик. Јас сум многу задоволен од тоа како изгледа книгата – како некаков каталог на стоковна куќа од почетокот на дваесеттиот век, како некаков учебник по маѓионичарски вештини, како збирка на стари кулинарски рецепти .Токму тоа и го сакав. Има во нејзиниот изглед некаков хумор, некаква иронија, која, се разбира, е упатена, пред сѐ, кон нејзиниот автор. Се надевам дека тоа се чувствува.
И оваа нова книга, со насловот (Viola arsenica), графичкиот дизајн, и со илустрациите и со содржината, е магична и интересна, ве носи во еден свет каде „вселената може да се сфати и преку едно зрнце песок“. Дали вашиот свет во кој сте живееле и твореле го има тој дух, или едноставно низ таква призма ги согледувате нештата, луѓето, спомените, средбите, искуствата…?
Живеев и живеам во истиот тој свет во кој живеат и сите други околу мене.Со сите опасности и сите притисоци и сите искушенија што ги носи тој во себе. Мислам дека секој од нас, низ сопствен напор, мора да најде начин да создаде своја територија во која тие заканувачки и уништувачки наезди ќе се чувствуваат колку што е можно помалку. Тој одбранбен механизам мора да постои во поединецот, инаку е готов – ќе го сомелат тие страшни сили на опустошувачките луњи кои беснеат надвор од нас. Книжевноста што ја пишувам е еден таков систем на заштита, создаден да ме спаси мене, но и сите други кои со доверба ќе им пристапат на моите книги. Уживањето во уметноста (не само во литературата) е еден облик на спас пред сите оние страотни сознанија со кои секојдневно нѐ опсипува светот. Секој вид творештво е обид да се најде излез од безумствата на историјата, од обеспокојувачката свест за кусовечноста на нашата егзистенција, од обесмислувањето кое нѐ демне зад секој миг на разочарување во она во што сме верувале. Некој таквиот излез го бара во религијата, некој во дрогата, некој во уметноста. Важно е едно – да се има нешто што ќе биде над приземната живејачка, како одбрана од ужасот на празнината која демне зад неа.
Вие сте и поет, и прозен автор, и критичар, и есеист, и преведувач. Но, во секоја пригода, нагласувате дека поезијата е вашата примарна вокација. Во книгата во која се опфатени записи од целиот ваш творечки живот, од друга страна, поентирате дека „нашата цивилизација-премолчено, се разбира-дошла до заклучок дека поезијата е една излишна работа: не помага ниту во политичката борба за власт, не донесува профит, не може да биде искористена за пропаганда,а не е , баш, ни многу забавна. Ѐ па, тогаш , што да се прави со неа? И што, воопшто, бара поетот?
Поезијата е откривање на чудесноста на нашето постоење. Секогаш сум бил против онаа поезија која се стреми да им служи на утилитарните цели – сеедно дали идеолошки, дневно-политички, патриотски, едукативни, моралистички. Ако земе врз себе некој облик на подучување, поезијата престанува да биде поезија. Пригодна поезија е поезија само по својот надворешен облик. Единствено нешто што поезијата може да нѐ научи е да ги откриеме дотогаш ненасетуваните облици на убавината, која самата по себе е една смисла. Ако поезијата ни помогне, барем само за миг, низ некој мал детаљ, да сфатиме дека животот е чудо, и дека самото наше постоење е нешто што е причина за радост – веќе со тоа го оправдала своето постоење. Ако поетот успее тоа чувство да му го влее дури и на само еден читател, тој ја исполнил својата улога, го осмислил сиот оној труд кој го вложувал редејќи ги зборовите во стихови.
И во поодминати години, сè уште наоѓате радост во книжевната работа. Како во ова време-невреме успевате да се дистанцирате од случувањата во реалноста и да пишувате светска проза и поезија?
Живеам во ист тој свет како и Вие. Имам исто грижи, дилеми и проблеми. И јас сум загрижен поради заканите на пандемијата. И јас сум очаен поради пожарите што се шират. И згрозен поради загадувањето на планетата. И неспокоен поради ќорсокакот во која попаднала Македонија на својот пат кон Европа… Но, творецот, пред да се фрли на работа, секогаш мора да воспостави некаква дистанца помеѓу стварноста што го опкружува и својот внатрешен свет. На кој начин – тоа обично останува негова „занаетчиска“ тајна. Може претходно да се слуша музика, да се мирисаат гнили јаболка (заборавив кој поет тоа го правел!), да се ставаат нозе во топла вода (ми се чини дека тоа го кажуваат за Балзак). Јас обично правам мала „предигра“ – превртувам некоја стара тетратка во која се запишани безброј почнати и никогаш нереализирани замисли. Но без тоа привремено затворање на вратата пред наездата на надворешниот свет нема творештво. Се сеќавате за онаа анегдота со Колриџ – тој сонувал една песна, кога се разбудил почнал да ја запишува, но во тој миг наминал шивачот да му земе мерка за нарачаната облека, и потоа, кога одново се обидел да се сети за песната од сонот – таа веќе испарила.Тој шивач кој треба „да ни земе мерка“, тоа е стварноста која нѐ одвлекува од замислата што била на работ да се опредмети во песна. Денес проучувачите на животот и делото на овој англиски поет од деветнаесеттиот век велат дека Колриџ ова го измислил. Добро, дури и измислена, оваа приказна го покажува, на еден симболичен начин, односот помеѓу внатрешниот и надворешниот свет. Творецот, реков, мора да изнајде начин, во некои определени мигови, да не го пушти здодевниот шивач да влезе. Но она што се случува околу нас никогаш не е наполно отсутно. Можеби и оваа пандемија, и овие пожари, и сето друго, ќе се наталожат во нашето сеќавање и еден ден ќе се пробијат како содржини на идните дела.
Има ли ситуација, приказна или човек кои ве изненадиле во текот на животот?
Изненадувањата постојат, инаку животот би бил здодевен. Сум бил изненаден од добронамерноста и, како што денес обично се вели, емпатијата на некои луѓе кои пред тоа со ништо не сум ги задолжил, кон мене. А, исто така, и од некои што со десетици години сум ги сметал за пријатели, а кои, одеднаш, покажале дека сето тоа време кон мене гаеле злоба и завист, само успевале добро да ги скријат. Секој човек што стои пред нас е загатка. И секој може да ни приреди изненадување – добро или лошо, кој тое може да го предвиди! Но, во принцип, изненадување е нешто што ги разбива шаблоните закостенети од навиките, од рутината, од повторувањата. Од почетокот на минатиот век уметноста смета на ефектот на изненадувањето, и тоа станува „еден нов поттик“, како што вели Аполинер. Една песна, или една слика, можат да пленат токму со тоа што изненадуваат. А што се однесува до изненадувањата што ни ги носат случајностите, совпаѓањата, коинциденциите, „синхроницитетите“ ( како што вели Јунг), „римите во животот“ (како што вели Конески), за тоа би можел да Ви раскажувам безброј приказни…
Што Ве радува, а што Ве вознемирува, и како автор и како граѓанин?
Ме радува што во македонската култура и воопшто, во македонската ителектуална средина, доаѓаат генерации образовани, информирани, талентирани млади луѓе со европски и светски погледи, со јасна свест за идентитетот но, истовремено, без ограничувачките меѓи на локалното. Би било нужно да се вложат напори тие да останат тука. Само со нивно присуство македонската култура ќе оди напред . Од друга страна, ме вознемирува страотната, екстремна поделеност на македонската нација, во која несогласувањата во политичките погледи одат во крајности – до жестока омраза, до желба за уништување, до граница на (наполу прикриената) идеја за физичко истребување на неистомислениците.
Кои се вашите идни планови како автор?
Завршувам еден роман кој е еден доста необичен спој на „ реалистичка“ поставеност во време и простор (Скопје, крај на деветнаесеттиот век) и – жесток пробив на силите на ирационалното во тој простор. Тоа би требало да биде „роман на мистерии“ или, ако сакате, „готски роман на македонски начин“. Почнувам еден нов циклус на раскази, но подобро е да не одам, како што велевме во детството, „пред рака“. Имам многу идеи, се надевам дека ќе успеам некои од нив да ги реализирам.
Вие сте член на МАНУ. Како академик, како ја оценувате перцепцијата што оваа најзначајна институција последниве години повеќе е присутна во јавноста како политички арбитер на дневно политички и партиски активности отколку со своите научни истражувања?
Отсекогаш (всушност од моето стапување во МАНУ во 1997 година), сум мислел дека оваа наша врвна научна и уметничка установа не смее да се впушта во решавање на дневно-политичките прашања. И по својата намена, и по својот карактер, и по својот состав, нашата Академија не е место каде што политиката треба да го диктира начинот на размислување и дејствување. Зошто Академијата сѐ повеќе се јавува, како што велите вие, во улога на политички арбитер, виновна е пред сѐ јавноста – веќе со децении малку-малку па некој новинар, коментатор, колумнист ќе го постави строго прашањето – зошто МАНУ молчи, зошто тие старци веќе не кажат што мислат по ова прашање? А прашање не е едно – според зачестеноста на овие барања, МАНУ би требало да издава соопштенија барем на секои петнаесет дена! Никој не ги забележува резултатите (многу видливи – во текот на годината тоа се десетици и десетици книги, монографии, зборници…) кои произлегуваат од секојдневната дејност на МАНУ, на нејзините членови и соработници, а сите од неа чекаат некакви соопштенијакои ќе се однесуваат на дневните проблеми! Па не може МАНУ да решава каде ќе биде станицата на автобуската линија 57! Не велам дека нема прашања кои МАНУ можеби треба да ги разгледува, па и да донесе извесен заклучок, но не на начин на некаква политичка организација, туку со нужна дистанца, со подготвеност и низ студиозна разработка, со сериозен и научен пристап. И, се разбира, низ процедура предвидена со Статутот!Во секој случај, се надевам дека академиците се свесни за опасноста која демне зад политизацијата и партизацијата и нема да дозволат Академијата да стане сервис за пласирање на идеите на некоја партија, која и да е.
Има една убава (вистинита) анегдота за Француската академија. Таа, во периодот помеѓу двете светски војни, го примила за член маршалот Петен (херој од Првата светска војна!) во своите редови – поради неговите студии од областа на воените науки. Како што знаете, во Втората светска војна, Петен – по капитулацијата на Франција – формирал Влада која соработувала со германските окупациони власти. На крајот од војната предавникот Петен бил фатен и затворен, но судењето било одложувано од повеќе причини.(Не е лесно да му се суди на некогашен национален херој!) Кога набргу по ослободувањето претседателот на Академијата се сретнал со генералот Де Гол (кој сега станал претседател на Влада), генералот го прашал академикот : „Што ќе правите со Петен?“ (Генералот секако мислел дека Академијата треба да го исфрли Петен од своите редови, макар што таквата процедура не била предвидена во статутот.)„А што ќе правите Вие со него, господине генерале?“ бил одговорот.
Политиката сакала да го префрли жешкиот костен во Академијата. Но Француската академија не била наивна – не сакала да одработува за други и да се меша во работите кои пред сѐ спаѓаат во доменот на судството и на политиката.
Според она што го знам, во повеќето земји националните Академии не се впуштаат во коментирање на политичките настани. Ниту тоа се очекува од нив. Тоа е, можеби, наш балкански специјалитет.