МД „Илинден“ го осуди преименувањето на 24 Мај во Ден на бугарската писменост


Фото: Б. Грданоски

Македонско друштво „Илинден“-Тирана соопшти дека најостро ја осудува  и ја смета  за провокација во континуитет, в черашната одлука на Парламент на Бугарија за преименување на 24 Мај, од Ден на словенската писменост, во Ден на бугарската писменост, со барање до Европската Унија „кирилицата да биде призната како бугарска азбука“.

Друштвото смета дека тоа, како што наведува, е провокација, не само кон Македонија туку и кон останатие држави со население со словенски корени“.

Во реакцијата стои и дека во науката е прифатено дека основата на старословенскиот јазик се македонските говори од околината на Солун, а „првото словенско писмо напишано од светите солунски браќа – Македонците, Кирил и Методиј е глаголицата! Старословенскиот јазик е старомакедонскиот јазик“.

– Со индигнација ја отфрламе заедничка прослава на значајни датуми, настани и личности кои Софија ги смета за Бугари и бугарски, а за тоа дури бара патент од Европската Унија! Потсетуваме на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин на 24 мај 2017 година при посетата на тогашниот македонски претседател Ѓорге Иванов во Москва: Денес во Русија се празнува Денот на словенската писменост, а писменоста во Русија дојде од македонската земја, наведуваат од МД „Илинден“ – Тирана.

Оттаму дополнуваат  дека „Македонците по род во Албанија, во светот и татковината, ја отфрлаат новата политичка историја за македонскиот народ и за Македонија, со која Бугарија и Грција вршат обиди Македонија од држава да се редефинира во територија без народ и историја чии администратори би биле Атина и Софија“.

– Македонско друштво „Илинден“-Тирана со индигнација ги отфрла бугарскиот и грчкиот геноцид врз македонскиот народ, нац-фашистичкото барање на Грција за промена на името на државата Македонија и нацифашистичкото барање на Бугарија за промена на името на македонскиот народ, јазик,култура и историја. Ваквите барања се даваат од членки на едно т.н. европско демократско семејство, а всушност се уцени прикажувани како вредност за „добрососедство и солидарност“ во Брисел и Стразбур од страна на Атина и Софија! Ја осудуваме Владата во Софија за дискриминаторските, расистичките и наци-фашистичките истапувања за непостоење на македонскиот народ во целина, како и бугаризирање на македонската историја, стои во реакцијата на МД „Илинден”-Тирана.вт/лв/