МЦМС: Мнозинството граѓани сметаат дека треба да се вратат на работа


Пред полициски час

Состојбата предизвикана од Ковид-19 беше причина МЦМС да ги провери ставовите на граѓаните поврзани со здравјето но, и со поголем број други состојби кои ги предизвика болеста. Според наодите од истражувањето, вкупно 88 отсто од граѓаните сметаат дека земјата ќе навлезе во економска криза, а 66 отсто очекуваат дека излегувањето од неа нема да биде лесно.

Што се однесува до економските мерки на Владата, средната оценка на испитаниците е 2,7. Вкупно 40% владините мерки ги оцениле со ниски оценки, 1 или 2, а 21% ги оцениле со 4 или 5. На прашањето за тоа кој сектор е најпогоден со кризата, првите три најчести одговори се: угостителство и туризам (27%), сите сектори (24%) и приватни бизниси (23%). Вкупно 77% од испитаниците целосно или до некаде се согласуваат со ставот дека е потребно отворање на економијата за враќање на работните процеси.

Ковид-19, целосно или до некаде го променил животот и секојдневието на 83% од граѓаните. Повеќе од половината (59%) со 4 или 5 го оцениле степенот на изолација за време на кризата. Очекувано, степенот на изолација повисоко е оценет од повозрасните граѓани.

Пандемијата ги променила и навиките за купување на граѓаните, па сега пазари само еден член на семејството (29%) или поретко купуваат во продавници (27%). За среќа, голем број од граѓаните (85%) имаат целосна или делумна поддршка од семејството, пријателите и познаниците. Оваа криза влијаеше на функционирањето на здравствениот систем воопшто. Една четвртина од испитаниците рекле дека заради неа морале да ги одложат лекарските прегледи.

Во поглед на негативните чувства, над 70% ретко или никогаш не плачеле, не се чувствувале нервозно (48%) депресивно (50%) и осамено (53%). Тие повеќе се исплашени за блиските (32%) отколку за себе (19%). За најголем број (71%) односите во семејството не се промениле, а речиси секој петти (19%) рекол дека односите се подобрени.

Граѓаните се преокупирани со информациите за Ковид-19. Еднаш или неколку пати на ден ги следат ваквите информации дури 86% од испитаниците. Средната оценка за покривањето на вестите за пандемијата за националните медиуми е 3,4. Сепак, речиси половина (48%) рекле дека информациите се конфликтни и конфузни. Ваквите оценки најчесто се за информациите пласирани преку веб страните.

Повеќе од половина од испитаниците (55%) не се спремни да ја користат апликацијата „СтопКорона“, за разлика од 21% кои се целосно или до некаде спремни за тоа.
Работното место (35%) и работните состаноци (27%) се местата каде испитаниците би се чувствувале најкомфорно да се вратат веднаш. Тие се поделени во однос на трговските центри и продавниците, кои би ги посетиле истиот месец (28%) односно, во наредните еден до три месеци (29%). Слични се одговорите на испитаниците во однос на посетата на рестораните и кафулињата.

Најтешко ќе биде да им се вратат на патувањата низ земјата (32%), како и одењето на одмор надвор од земјата (38%) кои се оставени за следната година. Враќањето во салите за вежбање (39%), одењето на концерти (39%) во театар (38%) и кино исто така ќе бидат оставени за наредната година.

За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 16 до 22 мај 2020 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.