МЦМС: Десет отсто граѓани не веруваат дека постои корона вирусот, 42 отсто дека е излезен од лабораторија


Секој десетти граѓанин не верува дека постои корона вирусот, а над 40 отсто сметаат дека овој вирус е излезен од лабораторија, покажа истражувањето што го спроведе Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Истражувањето е составено од три дела, а во првиот дел се обработени прашањата поврзани со загриженоста за моменталната состојба во однос на Ковид-19, ставовите за потеклото на вирусот и влијанието на целата ситуацијата врз работните процеси.

Истражувањето покажа голема загриженост на граѓаните (71,3%) од моменталната состојба предизвикана од Ковид-19. Демографски гледано, жените се позагрижени (80,6%) од мажите (61,7%), а етничките Македонци (75,4%) од етничките Албанци (56,2%). Грижата од Ковид-19 расте со степенот на образование на испитаниците. Вкупно 60% се загрижени дека тие лично ќе се заразат со корона вирусот. Меѓу нив, поголем е процентот на жени (68,4%) од оној на мажи (51,7%). За жал, граѓаните се поделени во грижата дека без да знаат го имаат и го шират вирусот. Ваква грижа на совеста имаат 48,8% од граѓаните, додека 45,5% од нивните сограѓани рекле дека воопшто или само до некаде се загрижени за оваа можност.

Висок е процентот на оние (42,7%) кои сметаат дека Ковид-19 е „излезен“ од лабораторија. Од нив, 36,7% сметаат дека тоа е сторено со намера, а 6,0% сметаат дека се случила грешка. Вкупно 19,0% рекле дека вирусот се појавил природно, а 10,3% се оние кои не веруваат дека постои.

Популарните теории дека појавата на Ковид-19 е поврзана со воспоставувањето на 5G мрежите има поддршка од 4,9% од испитаниците. Гледано низ призмата на етничка припадност, Македонците се по склони да веруваат дека вирусот е направен во лабораторија, а Албанците дека тој не постои.

Во поглед на тоа како се одвива работниот процес, мнозинство од испитаниците (59,1%) одговориле дека во моментов работат од работното место, 22,0% одговориле дека се на принуден одмор, а 17,8% одговориле дека работат од дома. За речиси половина (49,2%) нема разлика при завршување на работата, додека за 31,1% од испитаниците сега е потешко да ја за завршат работата. Гледано перспективно, се намалува поддршката на ваквиот начин на работа со зголемувањето на периодот додека за околу една петтина овој начин на работа воопшто не е одржлив.

Дури 80,0% од испитаниците сметаат дека работното место им е сигурно, меѓу нив, побројни се мажите. Во поглед на работниот статус, поголема сигурност во работното место покажуваат вработените во јавни институции (84,9%) за разлика од оние вработени во приватни компании (75,2%). Покрај сигурноста во работното место, од одговорите е евидентна и сигурноста во приходите (76,2%). Иако се сигурни за своето работно место, дури 79,3% од испитаниците сметаат дека многу луѓе ќе го изгубат работното место поради вирусот.

За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците за последната анкета беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 16 до 22 мај 2020 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.