Mицкоски се пофали дека го урнал СЈО, обвинителите биле „криминалци“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека тој и раководството на партијата го „испратиле во пензија СЈО“, а неговите обвинители ги нарече „криминалци“.
Зборувајќи пред Унијата на млади сили на партијата, Христијан Мицкоски рече:
„Во меѓувреме додека ја консолидиравме партијата и обединувавме го пративме во пензија поранешното раководство на СДСМ. Во меѓувреме додека ја консолидиравме партијата и повторно ВМРО-ДПМНЕ стана најголемата и најсилната политичка партија во Македонија го пративме во пензија СЈО и обвинителите криминалци кои го прогонуваа ВМРО-ДПМНЕ и секој член во ВМРО-ДПМНЕ“.
Зборувајќи за неговата омилена тема, корупцијата во институциите на власта и особено споменувајќи го случајот во Инстититуот за онкологија, Мицкоски рече дека некој го прашал што би направил тој да биде власт. И одговори во манирот како да поседува апсолутна власт:
„Ќе ги уапсев од првиот до последниот и ќе мораа да одговараат. И кој сака нека биде директор, и од која и да доаѓа партија“.
Мицкоски рече дека бил „длабоко разочаран“ од однесувањето на Никола Груевски. „Морам да кажам дека како човек оваа јавна преписка со поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ не ме прави среќен, ниту ова е битка која ја одбрав јас, но недвојбено никој не треба да ја тестира мојата определба да се опстои на нашите ставови дека прифаќање на диктати не доаѓаат во предвид по ниту една цена. Сѐ до извесен период, иако немав и немам никакви контакти, мислев дека делиме иста цел. Патот до оваа цел ВМРО-ДПМНЕ силно и обединето беше трновит, со многу удари. Не можам никако да разберам како воопшто е возможно да се уортачи кој било со истите кои ја предизвикаа и се причина за сите неволји, па дури и неговите лични, прогони и предавства кои се случија на Македонија. Да дели усбеа и писма по кабинетите на ДУИ, да има непринципиелни разговори. Ја сфаќам и неговата тешка судбина, но пеколно е сознанието дека зад завесата се прават валкани планови за кои цената би требало да ја плати друг“.
Тој ги нарече „кукавици“ СДСМ и ДУИ затоа што не излегувале на избори, бидејќи ќе ги оддувал торнадо.
„Затоа што знаете како ќе поминете. Ќе ве разбиеме сите на купче и СДСМ и ДУИ. Цунами ќе ви се случи, ќе ве оддува торнадо, затоа што позади нас стои народ, и народ ќе ви се случи“, рече Мицкоски.