МБА: Независноста на Централната банка да не се доведува во прашање


Независноста на Народната банка во ниту еден момент не треба на ниту еден начин да биде доведена во прашање, предупреди денеска Македонската банкарска асоцијација (МБА) во врска со одредени објави во медиумите дека во преговорите за формирање нова влада се дискутира и за функцијата гувернер.

Според МБА, само еко е независна, Централната банка може да биде клучен столб за стабилност, раст и развој на економијата.

-Имајќи предвид дека деновиве имаше објави во кои се тврди дека во преговорите за формирање нова влада се дискутира и за функцијата гувернер на Народната банка, апелираме дека независноста на Централната банка е клучна за одржување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, финансиската и севкупната макроекономска стабилност. Независноста на Народната банка во ниту еден момент не треба на ниту еден начин да биде доведена во прашање. Независната и високопрофесионална Централна банка е клучен двигател во чекорењето на нашата земја кон ЕУ и воопшто во меѓународните интегративни процеси на нашата економија. Силната и независна Централна банка е клучен столб за стабилност, раст и развој на секоја економија и претставува јавно добро од висок интерес за секое општество, наведува МБА.

Македонската банкарска асоцијација ја поддржува работата на гувернерката и нејзниот тим. Оценува дека во изминатиот период со соодветни и навремени мерки и измени во регулативата Нардоната банка им дала поддршка на банките, а преку нив и на населението и стопанските субјекти за надминување на проблемите предизвикани од пандемијата.