МБА: Договорите со банките ќе се потпишуваат согласно нивните интерни процедури


Македонската банкарска асоцијација попладнево соопшти дека од страна на Развојната банка е доставен рамковниот договор за учество во кредитната линија од унгарскиот заем наменета за компаниите.

Банките, како што информираат од МБА, ќе ги потпишуваат договорите со Развојната банка во согласност со нивните интерни процедури, а по склучувањето на договорите, средствата ќе бидат ставени на располагање на компаниите.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска во изјава за медиумите откри дека почнува потпишувањето на рамковните договори со банките.

Димитриеска-Кочоска истакна дека овие средства не ќе може да се користат за рефинансирање. Кои проекти ќе се финансираат ќе одлучуваат банките, а она што Министерството за финансии ќе го добие како информација ќе биде од кои сектори се проектите.

– Државата може да добие само информација која компанија од која индустрија добила со цел да направиме анализа од кои сектори во иднина може да очекуваме дека ќе дадат позитивни резултати на целокупната економија.Ризикот е кај банките, тие одлучуваат на кого ќе дадат кредит и дали тие компании имаат издржани планови, државата не презема ризик. Во тој дел државата не може, ниту има право да се меша, рече Димитриеска-Кочоска.