МБА: Банките ќе почнат со исплата на помошта од 6.000 денари откако ќе ги добијат податоците и средствата


Министерката за финансии, Ангеловска истакна дека на расходната страна се додаваат средства за соодветните КОВИД програми

Банките ќе почнат со исплата на помошта од 6.000 денари откако ќе ги добијат и ќе ги обработат податоците и ќе ги добијат средствата, соопшти Македонската банкарска асоцијација во име на нејзините членки.

Станува збор за една од мерките од четвртиот пакет антикризни мерки кој вклучува еднократна финансиска помош од 6.000 денари за купување домашни производи, наменета за ранливи категории граѓани.

„Во изминатиот период банките интензивно работеа на создавање на предуслови за реализација на споменатиот проект. Во таа насока, банките потпишаа договори со Владата и подготвени се да почнат со исплата на средствата веднаш откако ќе ги добијат и обработат податоците и ги добијат средствата, согласно листите за исплата“, велат од МБА.

Од таму додаваат дека во моментов, исплатата се уште не е започната, и ќе следуваат официјални најави штом сите услови се исполнети.

„Дотогаш, ги повикуваме граѓаните – корисници на оваа мерка, поради заштита на јавното здравје, да се воздржат од посета на филијалите и експозитурите на банките, велат банкарите.

„Сакајќи да имаме уште еден успешно спроведен проект, кој овојпат има значително пократок рок за реализација, нагласуваме дека сите банки во целост ги ставаат на располагање своите филијали и вработени, притоа до одреден степен ставајќи ги во втор план активностите кои се дел од секојдневното работење“, нагласуваат од МБА.

Активностите се веќе интензивно започнати преку повикот до граѓаните за ажурирање на личните податоци што е законска обврска и услов за исплата на средствата па веќе се забележува поголема фреквенција на клиенти во филијалите на банките и обраќања кон Контакт центрите, се вели во соопшението до медиумите .