Мажите повеќе умираат од корона вирусот – но зошто?


Pостои поголема верба кај експертите дека за поголема смртност на мажите фундаментални се биолошките фактори

Трендот е потврден речиси во сите држави и нации, но научниците немаат одговор што е причината за тоа

 

Досега е добро публикувано дека Ковид-19 дискриминира по возраст и според основните здравствени услови.

Но, сѐ повеќе станува очигледно дека, исто така, дискриминира по пол, при што мажите поверојатно ќе имаат позитивни тестови и поверојатно ќе умрат од оваа болест.

Трендот за прв пат беше забележан во Кина, каде што во една анализа е утврдена стапка на смртност од 2,8 проценти кај мажите, во споредба со 1,7 проценти кај жените.

Оттогаш, моделот се отсликува во Франција, Германија, Иран, Италија, Јужна Кореја и Шпанија.

Во Италија мажите учествувале со 71 проценти од смртните случаи, а во Шпанија, податоците сугерираат дека има починато двојно повеќе мажи, отколку жени.

Па, зошто мажите се поранливи?

„Никој од нас нема искрен одговор што ја предизвикува разликата“, рече професорот Сара Хоукс, директор на Центарот за родови и глобални здравствени установи.

На почетокот, пушењето беше сугерирано како веројатно објаснување. Во Кина, речиси 50 отсто од мажите пушат, но само околу два отсто од жените, и затоа основните разлики во здравјето на белите дробови се претпоставуваа дека придонесуваат мажите да страдаат од полоши симптоми и исходи.

Хипотезата за пушење беше поддржана од извештај, објавен минатиот месец, во која е утврдено дека пушачите сочинувале околу 12 отсто од оние со помалку сериозни симптоми, но 26 проценти од оние кои завршиле на интензивна нега или починале.

Пушењето, исто така, може да делува како улица за тоа како оди заразата: пушачите повеќе ги допираат усните и можат да делат контаминирани цигари.

Факторите на однесување што се разликуваат меѓу половите може, исто така, да имаат улога. Некои студии покажале дека кај мажите има помала веројатност да ги мијат рацете, помала веројатност да користат сапун, помала веројатност да побараат медицинска помош и поголема веројатност да ги игнорираат советите за јавно здравје. Овие се зачудувачки генерализации, но може да ги постават мажите под поголем ризик.

Сепак, постои поголема верба кај експертите дека фундаментални се биолошките фактори. Додека има поголеми пропорции на машки пушачи во многу земји – во Италија, околу 28 отсто од мажите и 19 отсто од жените пушат – разликите не се никаде толку екстремни како во Кина. Но, мажите и понатаму се презастапени во статистиката Ковид-19.

„Сè поголемото набљудување на зголемената смртност кај мажите важи и низ Кина, Италија, Шпанија. Ова го гледаме во многу различни земји и култури “, вели Сабра Клајн, професор во Школата за јавно здравје „Џон Хопкинс Блумберг“.

„Кога го гледам тоа, ме тера да мислам дека мора да има нешто универзално што придонесува за ова. Мислам дека пушењето не е водечки фактор“.

Претходното истражување, во кое беше вклучена и Клајн, откри дека мажите имаат пониски вродени антивирусни имунолошки реакции на низа инфекции, вклучувајќи хепатитис Ц и ХИВ. Студиите кај глувци сугерираат дека ова може да биде точно и за корона вируси, иако специјално Ковид-19 не е проучуван.

„Нивниот имунолошки систем можеби нема да иницира соодветен одговор кога првично ќе го види вирусот“, рече Клајн.

Хормоните, исто така, можат да играат улога – се покажало дека естрогенот ги зголемува антивирусните реакции на имуните клетки. И многу гени кои го регулираат имунолошкиот систем се кодираат на Х-хромозомот (од кои мажите имаат еден, а жените два) и така е можно некои гени вклучени во имунолошкиот одговор да бидат поактивни кај жените отколку кај мажите.

Разликите во половите во имунолошкиот одговор на Ковид-19 веројатно ќе се појават во анкети за антитела кои во моментот се во тек низ целиот свет. Клајн рече дека веќе разгледувала документи за ова од кинески тимови, кои проследиле примероци од крв од пациенти во текот на инфекцијата. „Можеме да очекуваме повеќе за ова наскоро“, рече таа.

На крајот на краиштата, рече Хоукс, биологијата, животниот стил и однесувањето, најверојатно, играат голема улога.

Разочарувачко е, рече таа, што само шест од 20 земји досега објавиле преглед за бројот на случаи и загинатите според полот.  (Гардијан)