Маж во Канада претепал медицинска сестра откако ја вакцинирала неговата сопруга


 Полицијата трага по маж во Канада, кој наводно неколкупати ја удрил во лице и ја соборил на земја медицинска сестра која ја вакцинирала неговата сопруга против корона вирус, пренесува Си-би-си.

– Вчера околу 9.15 часот по локално време, еден човек влезе во аптека во Шербрук, град во јужниот дел на Квебек, и обвини медицинска сестра, која полицијата не ја именуваше, дека ја вакцинирала неговата сопруга, изјави портпаролот на полицијата Мартин Кариер за Си-ен-ен.

Осомничениот бил многу лут и агресивен и ја прашал медицинската сестра зошто ја вакцинирала неговата сопруга (возрасна жена) без „негово одобрување“.

– Ја удрил повеќе пати, таа паднала на земја, а осомничениот избегал од аптеката, рече Кариер.

Медицинската сестра потоа била пренесена во болница каде ѝ била дадена помош поради повеќекратни повреди на лицето.

Во Канада нема закон согласно кој е потребно одобрение од сопружник за вакцинирање.