Маж удри со својот автомобил во барикада пред американскиот Капитол пред да се самоубие


Маж влета со својот автомобил во барикада во близина на американскиот Капитол рано денеска, а потоа почнал да пука во воздух од запалениот автомобил пред фатално да се застрела, јавија американски медиуми.

Инцидентот се случил нешто пред 4 часот наутро по локално време, во момент кога органите на редот во САД се соочуваат со се поголем број закани. Федералните власти предупредија на ризикот од напади врз владини згради во деновите откако ФБИ изврши претрес на имотот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Мар а Лаго.

Властите соопштија дека мажот, чиј идентитет не се соопштува, удрил во барикадата и додека излегувал од автомобилот, возилото било зафатено од пламен. Потоа испукал неколку истрели во воздух додека полицијата се приближувала.

Полицијата на Капитол соопшти дека мажот се застрелал додека полицајците се приближувале. Органите за спроведување на законот соопштија дека нема индикации дека имал намера да нападне член на Конгресот. Инспекторите ќе го разгледаат неговото минато за да откријат мотив за неговите постапки.

И двата дома на Конгресот се на одмор и многу малку вработени работат во Капитол во овој момент.

Властите исто така известија дека никој друг не е повреден во инцидентот. Полицијата нагласи дека ниту еден од нивните полицајци не возвратил.