Маж се залепи за воз во знак на протест


Во Лондон продолжуваат протестите поради односот на власта кон климатските промени, поради што денеска беа блокирани неколку главни крстосници во престолнината на Велика Британија.

Тројца демонстранти се уапсени поради блокада на сообраќајот на метро-станицата Кенери Ворф, јави Би-Би-Си. Од понеделникот, полицијата уапси повеќе од 300 луѓе на протестите организирани од групата „Икстинкшен рибелион“ (Extinction rebellion).

Демонстрантите денеска го блокираа сообраќајот на мостот Ватерло над реката Темза и други важни сообраќајници, поради што многу автобуски линии не се одвиваа по редовните траси.

Адвокатката Фархана Јамин, една од приведените активистки, се извини на граѓаните за блокираните улици, но истакна дека тоа е неопходно за да се скрене внимание на опасностите кои доаѓаат со климатските промени.

Во рамки на протестите, претходно денеска еден маж си ја залепи раката за стакло од вагон со супер-лепак. Како што извести „Дејли стар“ маж и жена, активисти на групата „Бунт против изумирање“, рекле дека станува збор за мирен протест, при што жената носела транспарент против климатските промени, а мажот се залепил на воз во источен Лондон.

Од страв дека активистите би можеле да ја попречуваат работат, на станиците на подземната железница е исклучен бесплатниот интернет. Активистите на „Бунт против изумирање“ најавија дека ќе се залепат за возовите за да ја запрат нивната работа.

Протестите доведоа до затворање улици, сообраќаен метеж и други сериозни нарушувања на одвивањето на сообраќајот, од што се засегнати околу половина милион граѓани.