Маж почина од западнонилска треска во Македонија


Фото: Б. Грданоски

Еден пациент почина од западнонилска треска во земјава, информираше денеска Клиниката за инфективни болести.

Станува збор за 83-годишен пациент, кој, според лекарите, имал и други заболувања.

Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана информираше дека пациентите се третираат на клиниката која располага со капацитети и соодветна дијагностика.

– Четворица пациенти се водат како суспектни и во тек е дијагностичка постапка. Осум пациенти се испишани на домашно лекување, но за жал, морам да информирам дека 83-годишен пациент е починат. Пациентот имаше и други заболувања, истакна д-р Цана.

Заклучно со 11 август се регистрирани 26 случаи, од кои 25 се во Скопје, а еден во Велес.

22 од заболените се лица над 60 години, а сите случаи се со невроинвазивна форма на заболувањето. Четворица пациенти се суспектни и се во тек дијагностички постапки, додека осуммина се пуштени на домашно лекување, информираа денеска надлежните. 

Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски заедно со претставниците од Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје Скопје и Клиниката за инфективни болести, на денешната прес конференција информираа за епидемиолошката состојба со западнонилска треска во земјава.

 – Навремено и транспарентно ја информираме јавноста за состојбата со западнонилската треска. Ова не е ново заболување, присутна е и во текот на претходни години, а годинава заради актуелната епидемиолошка состојба, бројот на потврдени случаи и активноста на вирусот, наметнаа потреба од засилен институционален одговор. Ја следиме состојбата во координација со Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, Комисијата за заразни болести и Клиниката за инфективни болести, со цел навремено да ги идентификуваме и третираме случаите, како и да спречиме појава на нови случаи, истакна Андовски.

 Тој порача дека нема место за паника, туку има потреба од внимателност и одговорност, односно граѓаните да преземаат мерки за лична заштита, носење соодветна облека, како и избегнување на места каде е најголема изложеноста на комарци. 

Д-р Златко Арсениевски од Центарот за јавно здравје Скопје информираше дека вчера беше прогласена епидемија на одредени зафатени општини во градот Скопје, како што се Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и зафатени населби како Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, Јурумлери.