Матка го живее летото

На паркингот пред туристичкиот комплекс Матка е полно уште од претпладневните часови. Се менуваат автобуси со туристи, ги има од Косово, Унгарија, Турција, Германија… Забележуваме и македонски регистрации, комбиња и автобуси од внатрешноста на земјава. Сончевиот ден и летото што е на дофат се предизвик за туристите да уживаат во убавините на кањонот распостелен на пет илјади хектари на излезот од Скопје. Високите температури го живнаа местото. Зимските и дождливите денови што даваа сив тоналитет се зад нас.

„Овие два викенда е одлично. Полно е со туристи, домашни и странски. За викенд предничат нашите, а преку работната недела странците. Тогаш им се турите. Дај Боже и времето вака да нè послужи. Долу во Скопје не се дише, а тука е пријатно покрај шума и езеро“, вели еден од продавачите на импровизираните тезги.

Чинија цреши, јагоди, кајсии – сè е по 50 денари или едно евро. Одлично освежување по прошетката вдолж кањонот. Тука се и мобилните продавачи на вода, сокови и на пиво. Цените повисоки отколку во продавниците, но, сепак, сте на туристичко место, а и услугата ви е при рака.

Големиот паркинг е испланиран како последна одредница за возилата, но возачите по стариот добар македонски менталитет би продолжиле до браната на езерото. Рампата што надлежните ја поставиле за да ги спречат во таа намера крената е и не работи, па патот е слободен. И полн со дупки, неасфалтиран од страната на ридот, а удолу е бездна, но и тоа не ги спречува најупорните да возат и да искачат до угорнината кај браната, каде што едвај би можеле да бидат паркирани неколку возила. Но се наоѓа место. На штета на пешаците, на кои им е ускратено од природата. Тие, пак, ќе ви речат дека поради автомобилите вистинското уживање започнува токму од тука.

По само неколку чекори, ќе наидете на познатата дивоградба која со месеци е во интерес на јавноста. Додека службите се расправаа кој е надлежен да ја сруши, сопствениците не губеа време, па ставија и ограда од страните. Сега платформата е комплетна. На средина има поставено две-три маси, но објектот сè уште не функционира како кафуле или ресторан. Масичките им служат на туристите да седнат, да се одморат, да јадат или да се напијат нешто доколку си носат со себе.

Затоа, пак, во турборитам работи бизнисот со чамци што сопствениците го тераат уште пред да почнат да градат. Метеж, се чека ред да се плати билетот од 200 денари за да се добие получасовна прошетка низ езерото.

„Искрено, во саботите и во неделите не можеме да постигнеме. Зборувам за последните два викенди бидејќи претходно ем врнеше ем беше ладно, па немавме многу работа. Дневно, за време на викендите, имаме по петнаесетина тури. Не е лошо и преку недела, но тогаш, да речеме, имаме по седум-осум тури“, одговара еден од вработените.

Прошетката со чамците е најразвиен бизнис на Матка, оти на таква опција ќе наидете на секој чекор. Варира само цената, некаде е 250 денари од човек, некаде 450, ама за цел час. На бротчето седнуваат и по десетина луѓе. Снаодливите продавачи нудат и интересни магнети со симболи на Матка што се продаваат по 100 денари, старински носии и производи од некои дамнешни времиња.

 

Сезоната на капење е почната на Матка. Неколку деца од соседните Глумово и Шишево го искористија крајот од учебната година, па се бањаат во езерото.

„Не e воопшто ладно, супер е“, ги убедуваат минувачите да им се придружат во забавата.

Блиската кафеана е полна со гости. Терасата е полна. Туристите уживаат во прекрасниот поглед кон езерото и кон планината. Сигурно е поладно барем за пет степени во споредба со градот.

„Што ќе фатиме во лето, тоа ни е за цела година, затоа преку лето работиме ударнички, оти на зиме прометот е многу послаб. Имаме гости од секаде, и од Македонија и од странство. Гостите од странство најчесто бараат традиционално македонско јадење, но имаме и континентално мени“, велат во еден од околните ресторани.

На Матка, според туристите, недостига визија како да се развие комплексот и како да им се обезбеди забава на гостите во подолг временски период, а не само за неколку часа.

„Природата е прекрасна, воздухот, мирот, тишината… Тоа што не ми се допаѓа е што е валкано насекаде. Треба да размислите и како да ги задржите гостите, затоа што главно сите доаѓаат, ќе прошетаат од браната до рестораните, некои ќе продолжат по патеката до пештерите и толку. Ќе седнеш на пијачка или на ручек, а кога ќе завршиш, немаш што друго да правиш. Тоа можеби и не е лошо, одлично е за одмор, но зборувам за стратегија како да ги натерате гостите да останат некој ден, да спијат тука“, нагласува еден од водачите на туристичката група од Турција.

Кањонот Матка е прогласен за споменик на природата и е заштитено подрачје од трета категорија, што значи дека не се дозволени активности кои би ја загрозиле неговата автентичност. Во студија на УНДП од 2010 година е наведено дека за заштитата на кањонот Матка се грижат 39 институции.

„Посетителите на Скопје кои чувствуваат дека центарот со своите кичести, но пријатни споменици, може да им здодее, можат да заминат за кањонот и езерото Матка. Тоа е оддалечено 15 километри југозападно од центарот и има доволно активности за да го задоволи секој љубител на природата. Матка нуди планинарење, пешачење, кану, пештерски туризам, алпинизам, историски знаменитости, како и можност за гледање интересни птици и пеперутки. Кањонот содржи средновековни манастири со одлични фрески и многу пештери – дел од нив достапни со чамец преку езерото Матка“, напиша реномираниот „Гардијан“ во 2015 година кога ја вброи Матка меѓу десетте најубави кањони во Европа, кои се лесно достапни за авантуристите и нудат одлични погледи и добри патеки за шетање.

Треска пуста и ова лето

Само неколку километри од Матка, се наоѓа езерото Треска. Од него е останато само името на некогаш омиленото сврталиште на скопјани. Пропаднатиот објект тоне и оваа година. Тревата не е искосена, ѓубре насекаде, како слика од хорор-филм изгледа огромното пространство, празно и сиво. Живот даваат неколку момчиња кои не се плашат од забраната за капење во езерото што со години ја следи Треска.

„Тоа се глупости, секое лето се бањаме, па ништо не ни е“, уверуваат момчињата.

Музејот на ЕВН – сведок на истортијата на електрификацијата

Една од атракциите на Матка е и Музејот на ЕВН или Изложбениот центар – технолошки музеј, прв од таков вид на територијата на Македонија. Се наоѓа веднаш под браната „Св. Андреја“. Всушност, музејот се наоѓа во старата хидроцентрала на Матка, проектирана од Миладин Пеќинар во периодот од 1935 до 1938 година. Во 2016 година, објектот е реновиран и пренаменет во изложбен простор.

Во поставката на изложбаниот центар можат да се видат оригинални стари предмети, архивски материјали, филмови, фотографии, интервјуа, реални компоненти на електроенергетски систем, како и уникатни едукативни експонати изработени специјално за центарот и наменети за учење преку интеракција.

Експонатите говорат за историја на електрификација на Македонија, историјата на хидроцентралата Матка, поим за електрицитет и електрична енергија, електро – енергетски систем, енергетска ефикасност, обновлива енергија, хидроенергија, соларна енергија, ветер…

Годишно музејот го посетуваат околу 7.000 граѓани. Изложбениот салон е отворен од 10 до 15 часот.

Горан Адамовски