Матиќ е подготвен да го напушти Јунајтед во јануари


Фудбалерот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Немања Матиќ е подготвен да ја промени својата клупска припадност за време на зимскиот преоден рок, објави „Манчестер ивнинг њуз“.

Оваа сезона, Србинот се појави само двапати во стартниот состав на „црвените ѓаволи“ во дуелите во Премиер лигата и вкупно мина 350 минути на теренот.

Оваа ситуација не му одговара на Матиќ, кој сака да биде во добра форма за евентуално учество во неговата репрезентација на ЕП 2020.

Договорот на 31-годишниот фудбалер истекува на крајот на сезоната, но клубот може автоматски да го обнови за 12 месеци. Ова значи дека Јунајтед има можност да добие добар договор за Матиќ.

Во случај да го напушти, на „црвените ѓаволи“ ќе им треба нов играч од средниот ред, но клубот ќе продолжи да го засилува нападот. Немања Матиќ премина на „Олд Трафорд“ летото 2017 година од Челзи.