„Матија го свири Арсен“ вечерва на Скопски џез фестивал

Скопски џез фестивал вечерва продолжува со атрактивна програма. Во 20 часот, во НОБ ќе настапи хрватскиот џез музичар и пијанист од поновата генерација Матија Дедиќ. Негов последен албум е „Influences“, објавен 2019, а на Скопскиот џез фестивал доаѓа со албумот „Матија го свири Арсен“, за кој во 2016 добил дури шест награди „Порин“.

„Со оглед на тоа што израснал во семејство на врвни музичари, пејачката Габи Новак и кантавторот Арсен Дедиќ, од мал бил изложен на различни музички влијанија. Свирел со составите на Тамара Обровац и Ладислав Фидриј, како гостин во Zagreb Jazz Portrait, а од основањето бил член на познатиот Boilers Quartet, со кој имал заедничка турнеја со Benny Golson/Kenny Burrell All Stars Band. Паралелно водел свои состави, формирајќи го во 1988 првото трио, со контрабасистот Жига Голоб и тапанарот Круно Левачиќ…“, додаваат од фестивалот.

Од 21,30 часот во Националната опера и балет концерт ќе одржи македонскиот џез музичар Тони Китановски кој ќе настапи со составот „Little Big Orchestra“. На Китановски, кој е композитор и гитарист, ќе му се придружат Кирил Кузманов, саксофон и флејта, Петар Христов, саксофон и ќемане, Нинослав Димов саксофон, Трајче Велков, на труба, Техемана Скендеровска, труба и вокал, Александар Нинич, туба, Кирил Туфекчиевски, контрабас и Виктор Филиповски, на тапани. Гости на концертот се Асан Рашид на труба и Наталија Ман на харфа.

„Музиката на композиторот и гитарист Тони Китановски е толку шаренолика, колку што е светот околу него. Неговиот интерес и истражувањата повеќе се насочени кон заедничкото за различните видови музика на човештвото, отколку кон она што ги раздвојува различните музички култури. Тој се материјализира во неговата способност беспрекорно да ги вкрстува звуците на антиката со современите тенденции, со музиката на Југот, Истокот и Западот, со балканскиот звук на дувачките оркестри и со Дјук Елингтон. Најуспешниот и најпрепознатлив оркестрален ентитет под негово водство е ‘Тони Китановски и Черкези Оркестар’. Долгогодишната соработка со овој ромски дувачки оркестар одекнува и во неговото творештво на филмска музика, во музиката компонирана за современ танц, соработките со гитаристот Ерик Малу Малу од Конго, босанскиот поет Ахмед Буриќ, а ќе биде неизбежен дел и од сложената звучна понуда на неговиот концерт на годинешниов СЏФ, со гостинот Асан Рашид со кој Китановски има намера да ја круниса оваа приказна“, посочуваат од Скопскиот џез фестивал.

Љубителите на џез музиката, од 23 часот, пак, ќе можат да уживаат и во концертот на Вилијам Паркер трио преку ексклузивен стриминг од Њујорк. Со њујоршкиот музичар, басист и композитор Вилијам Паркер кој го опишуваат како „најбрилијантниот фри-џез басист на сите времиња“ настапува Ава Мендоза, гитаристката и пејачка од Бруклин, како и Џералд Кливер, на тапани.