Матичните лекари утре штрајкуваат, нема да издаваат упати и рецепти


Фото: Б. Грданоски

Матичните лекари утре ќе протестираат, најавувајќи дека утре не планираат да издаваат рецепти, ниту упати од „Мој Термин“, а ќе примаат само итни случаи.

Велат дека итно бараат основен пакет на услуги за пациентите, зголемување на капитацијата, како и да нема казни за матичните лекари за административни пропусти во пандемија.

Матичните бараат и воведување на минимална партиципација. Тие предлагаат да се плаќа 50 денари за прв влез во месецот, а останатите прегледи да не ги плаќа пациентот.

– Мора да се определи што му следува на пациентот за капитацијата што ја добиваме секој месец. Лекарите не може да издржат финансиски. Сега добиваат и огромни сметни за струја, а капитацијата не е зголемена од 2018 година и изнесува 63 денари за пациент. За две децении капитацијата е зголемена за 40 проценти, а за споредба, цената на горивото е зголемена за 160 проценти, а на храната за 135 проценти – истакна д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружение на приватни лекари, под чија капа се голем број од матичните доктори.

За утре матичните лекари имаат закажано средба со заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, а очекуваат да ги повикаат на средба во Фондот за здравствено осигурување.

– Има многу региони во кои нема матични лекари и ако продолжи ваквата политика на Фондот кон проблемите на примарното здравство ќе се затворат уште повеќе амбуланти што не е во прилог на нашиот народ и неговото здравје – вели Чолакова-Дервишова.