Матичните лекари ќе повикуваат на вакцинација против Ковид-19


Фото: Б. Грданоски

Матичните лекари треба да пратат известување до своите пациенти кои досега не се вакцинирале против Ковид-19, да се јават на вакцинација.

– Во однос на мерките, со оглед на ситуацијата во регионот, треба целокупните процеси да продолжат со превентивните мерки и вакцинација. Денеска пративме барање до сите матични лекари да ги поканат сите невакцинирани, да се јават на вакцинација – рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Појасни дека се во постојана комуникација со членовите на Комисијата за заразни болести, а „во петок ќе имаме официјален состанок по новите бројки“.

Последните две недели инциденцата е зголемена за 28 проценти, во однос на претходните две недели, констатира Филипче. Бројките од ден во ден растат, но според него ваквиот раст може да се каже дека е очекуван со оглед на состојбата во регинот, каде се зголемуваат бројките на новозаразени, во Бугарија 5.000, во Грција 8.000, Србија 5.000…

Тој појасни дека бројот на пациенти кои се хоспитализирани, исто така пораснал, на 518 за една недела, по прилично долг период, каде претходно биле 460 во болница.

– Добро е што нема голем притисок, оти нема голем број прегледи и нагло зголемување на барање лекарска помош. 60-70 пациенти бараат преглед како Ковид пациенти во Скопје, днево – рече Филипче.

Процентот на хоспитализирани од дијагностицирани, ако се споредат претходните бранови е намален, ако тогаш било 10 отсто, сега е 6,5 отсто од околу 8.000 активни 518 се во болница. Тоа се должи на поголемиот број помлади кои се заболени или пак се вакцинирани пациенти и имаат полесна форма на болеста.

Во Македонија околу 44 отсто од вкупното население е вакцинирано. Сепак, Филипче смета дека има стагнација на вакцинацијата, па апелира до граѓаните да се вакцинираат, оти тоа е единствениот начин за борба против Ковид.

До крајот на оваа или на почеток на следната ќе заврши секвенционирањето на вирусот, за да се види кој сој е доминатен кај нашите пациенти.