„Матица Македонска“ со пет нови книги : Конески ги отвори сите патишта на македонската литература


Во „Матица Македонска“ вчера со промоција на пет дела – „Разговори со Конески“ од Цане Андреевски, „Светската критика за делото на Конески“ од Раде Силјан и Паскал Гилевски, „Времето на Конески“ од Димитар Пандев, „Конески како тестамент“ од Весна Мојсова Чепишевска и „Епохата Конески“ од Ѓеорги Старделов, се одбележа стогодишнината од раѓањето на творецот Блаже Конески.

Авторот Раде Силјан, во изјава за МИА, нагласи дека со претставувањето на петте изданија посветени на творештвото на Конески, авторите сакаат работно, низ творечки резултати да го покажат нивното чувство и почит кон големото дело на великанот на македонската поезија, човекот кој го кодифицира македонскиот јазик и остави неизбришливи траги во нашиот простор.

– Делата имаат и поширока намена, толкување на неговата поезија од лингвистички аспект, толкување на неговите студии за јазикот, а тука е опфатена и прозата. Целото негово творештво е презентирано во овие пет книги. Една книга „Разговори со Конески“ од Цанде Андреевски, е книга која фрла сосема друга светлина за животот и творечкиот пат на Блаже Конески, истакна Силјан.

Паскал Гилевски, зборувајќи за неговото дело, напишано заедно со Силјан, се потсети на споделените моменти со Конески, при што потенцираше дека Конески всушност, после Климент Охридски, е најголемиот македонски творец, деец на македонската писменост воопшто земено.

– Јас затоа го нареков „Великанот на Небрегово“. Конески ни ги отвори сите патишта на мекедонската литература, во се остави значајна дело иако во прозата малку, но многу вредно и отвори патишта и за препевот, рече Гилевски во изјава за МИА.

Тој посочи дека во „Светската критика за делото на Конески“ се застапени триесетина критики и есеи за Конески кои создаваат една прекрасна слика за неговото творештво.

Гилевски нагласи дека Конески внимателно и со голема почит се однесувал кон дејноста на преведувањето.

– Во Лешок, кога му ја дадовме наградата за препев тој во неговиот краток говор кажа „не правам јас разлика меѓу моите оргинални песни што ги пишувам самиот и преводите“. Кога го прашаа колку е значајно праведувањето тој рече „ние почнавме македонскиот јазик да го богатиме прво со препеви од разни јазици“, раскажа Гилевски.

Тој наведе дека учел од преводот на Конески на песните од „Лирско интермецо“ од Хајне, посочувајќи дека откако починал Конески тој превел уште некои песни од „Лирско интермецо“, па потоа изготвиле одлична книга со сите преводи од Хајнрих Хајне.

Професорката д-р Весна Мојсова Чепишевска за нејзината книга „Конески како тестамент“, за МИА наведе дека таа идејата за книгата ја имала подолго време и оти сака да се чита и понатаму и да ги поттикне читателите да го читаат Конески.

– Всушност тоа е една идеја којашто кај мене подолго време тлееше и нормално сакав да одбрам некој наслов којшто може да зрачи и да значи во културниот простор на земјава. Навистина ми се виде ова, не само како флоскула, да речеме дека може да биде интересно, туку дека навистина Конески можеме да го читаме како тестамент, образложи Мојсова Чепишевска.

Таа нагласи дека сето она што ни го остави Конески за нас треба да биде како еден вид на Библија, што секогаш ќе ја отвораме.

 

– Да видиме што тоа зборува Конески во однос на историјата за јазикот, во однос на граматиката на македонскиот јазик. Што зборува во однос на македонскиот 19ти книжевен и јазичен век, каков е Конески како поет, значи сите тие работи мене подолго време ми тлееја длабоко, ги носев сосебе. Тоа се теме кои сум ги работела последните 15 години, ете можност да можам да го направам како еден систем.
Јас го направив како две големи теми. Конески како инспирација и Конески како поттик. Значи Конески ми е инспирација да продолжам понатаму да го читам, да го истражувам, но и да го довезувам она што тој веќе го навезе и со поезијата и со книжевната критика и со критиката на полето на лингвистиката, но и Конески како поттик, бидејќи од неговите текстови потоа тој мене, преку тие свои текстови, ме поттикна да пишувам за некои други автори. Од него ми беше инспирацијата јас да ги допишам тие свои текстови.
Оваа книга навистина сакам да се чита и понатаму. Преку мојата книга да ги поттикнам читателите да го читаат Конески, потенцираше Мојсова Чепишевски.

 

Авторот Димитар Пандев за МИА нагласи дека со неговата книга сакал го претстави времето на Конески, коешто, како што наведе, всушност е и нашето време, времето што сме го продолжиле и времето што го продолжуваме.

–  Сакам да го претставам времето на Конески како успешна приказна во македонскиот јазик и во македонската литература. Го следам Конески низ сите оние творечки напори од кодификацијата на македонскиот јазик, преку лингвистиката и поетиката, ги имам предвид сите негови творечки патешествија, сите негови јавни настапи. Конески беше јавна личност, тој беше постојано присутен во македонската стварност со свои настапи, со свои говори, со свои текстови во македонските весници и списанија коишто се уште постојат и на извесен начин претставуваат своевидна трага. Конески можеме да го следиме уште од она време кога прв пат напишал текст за Климент Охридски, преку сите негови говори и беседи за Климент Охридски, па се до оној величествен настап во 1986 година кога проговори пред целокупната светска јавност за Климент Охридски. Сите негови напори на извесен начин тука се претставени во еден вид успешна приказна, истакна Пандев.