„Матица македонска“: Нека ни е вечна македонската книга, нека ни е вечна Македонија!


Во „Крушевскиот манифест“ од драмата „Илинден“ објавена на македонски народен јазик, во 1923 година, Никола Киров Мајски, меѓу другото напиша: „Македонија е заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме от маки и страданија, и да пресушиме реките от крвој и солзи!“ Не требаше малку време за овој стремеж, со заедништво на сите што Македонија ја чувствуваат за своја татковина да се оствари. Со текот на времето, тој стремеж да се случи зора на слободата и над нашата татковина да се роди ново сонце на слободата стануваше сѐ посилен. За да дојде Илинден во 1944 година, кога на Првото заседание на АСНОМ, Панко Брашнаров рече: „..душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.“ За нешто помалку од половина век потоа, во 1991 година, таа слободна македонска држава да ја прогласи својата самостојност и незавнисност.

„Матица македонска“ е формирана речиси во исто време со прогласувањето на македонската самостојност и независност. Во текот на овие 34 години, деноноќно работејќи на сочувување и афирмирање на македонското слово, не еднаш сме си рекле: „На кој слеп колосек / Се пресели Татковината / Ја прашувам судбината“, како што и во песна запиша нашиот основач, Раде Силјан. Многупати во нас одекнаа и стиховите на Гане Тодоровски: „Ој, Македонијо, / колку ли уште ни треба / за да те домакедончиме!“ Ама секогаш си велевме и си велиме: „Но ние сме како што сте како што се / И покрај сè и покрај сè / колку сме толку сме токму сме!“

Затоа, свесни дека македонската слобода не дојде само со револвер и кама, туку и со книга, со слово и со знаење, и покрај сѐ, сиве овие години, и во невремиња останавме доследни на мисијата целосно да се посветиме на книгата на македонски јазик и на книгата од македонски автор. Со цел: книга да има во секој македонски дом. Македонска книга за сите генерации… Свесни и дека како прва приватна издавачка куќа во самостојна Македонија, имаме и обврска и одговорност, во ниту еден момент не отстапивме од определбата со своите изданија да го афирмираме македонскиот национален идентитет, (ре)афирмирајќи ги македонските книжевни и културни вредности. Објавувајќи ги книгите на стожерните автори на македонската книжевност и научните и стручни книги што се негација на сите негирања… А преку преводите на врвните дела од светската книжевност на македонски јазик, дполнително да ја афирмираме неговата посебност… Затоа што ние не знаеме вистински да се искажеме, да се радуваме или да плачеме, на кој и да е друг јазик, освен на македонскиот. Со сето тоа, пркосејќи ѝ на иронијата на историјата. Затоа што и еден од најистакнатите странски слависти и македонисти на XX век, Реџиналд де Бреј има забележано: „Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните.“ Со сето она што со печат на „Матица македонска“ се најде на полиците на домашните и странските библиотеки се потврди дека сме постоеле и дека ќе постоиме…

И покрај сѐ, ќе постоиме и ќе успееме да ја развиваме нашата татковина Македонија, ако секој од нас го работи она што најдобро го знае и умее – ако својот патриотизам не го искажува со удирање в гради, туку со работа.

На овој свет ден, Илинден, во пресрет на 35-годишнината од нашето формирање, тимот на „Матица македонска“ се обврзува – ќе продолжиме да ја остваруваме својата мисија, целосно да се себевложуваме во чувањето и афирмирањето на македонскиот национален идентитет. Да го афирмираме македонското слово дома и пред светот, да ги поддржуваме македонските автори, да објавуваме книги што ќе потврдуваат кои сме и што сакаме да бидеме, и ќе истраеме во решеноста македонска книга да има во секој македонски дом, за сите генерации…

Честит Илинден!

Нека ни е вечен македонскиот збор! Нека ни е вечна македонската книга! Нека ни е вечна Македонија!