Материјалите за основно завршија, новите учебници ги нема


Како се приближува средината на октомври, забележително е дека материјалите од кои учат учениците во пониските одделенија од основното образование, завршуваат. При крај се со обработка на лекции по сите четири предмети, кои се спакувани во една книга.

Најавите од министерството за образование се дека до крајот на октомври или почетокот на номеври, ќе бидат испечатени и доставени учебници по сите предмети кои учениците ги изучуваат.

„Очекувам во месеците октомври и ноември, сите процеси за сите учебници за основно и средно образование, да завршат во националната комисија но и во процесот на печатење“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред неколку дена.

Фото: Независен весник

Родителите забележуваат дека нивните деца веќе ја поминале целата содржина во материјалите кои им беа поделени.

„Не знам од што ќе учат децата понатаму?“, се прашува една мајка, која негдува и вели дека не верува оти нови учебници ќе стигнат навреме. „Мислам дека нема да сопрат со совладување нов материјал, сепак тие наставници работат подолго време, па веројатно знаат што следува?!“, не е сигурна оваа мајка.

Наставниците од основното образование со кои разговаравме на темата велат дека некои од нив не ги ни користат поделените привремени материјали.

„Јас имам план и програма за тоа што треба да им предадам, да ги научам моите ученици. Најчесто работиме во тетратка или на наставни листови, а учебниците не ги користиме многу“, вели наставничка од едно основно училиште во Скопје.

„Ние ги користиме материјалите кои оваа година го подели министерството. Добри се, ја следат програмата и ги поттикнуваат децата да размислуваат. Делот за математика е добро осмислен и во самата книга може да се решаваат задачи. По другите предмети, под секоја леција има прашања кои ги наведуваат учениците на критичко размислување“, вели дргуа наставничка од основно училиште во Скопје.

Но, дали навреме ќе им стигнат регуларните учебници, не знае. Никој досега не ги информирал официјално кога ќе ги добијат учебниците, освен оние најави кои од министерот ги слушаат по медиумите. Сепак, потврдуваат дека и без учебници, планот и програмата која ја направиле пред почетокот на учебната година им даваат насока во работата и материјалот ќе биде совладан.

Материјали место учебници

Инаку, оваа учебна година, учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение ја почнаа со нови наставни програми за предметите, согласно Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно и, според планот, треба да биде заокружена за пет години во целото деветгодишно образование.

Но, на 1 септември, учениците немаа учебници, заради тоа што тие, според новите наставни програми, беа во различна фаза на одобрување и додека да ги добијат, учениците од овие одделенија учат од соодветни материјали во кои се разработени содржините од првото тримесечје.

МОН подели материјали (една книга во која беа сместени материјали по мајчин јазик, математика, природни науки и историја и општество), а учениците ги добија бесплатно.

Во меѓувреме, Народниот правобранител, на истата тема, му забележа на Министерството:

„Учениците кои посетуваат настава во прво, второ, четврто и петто одделение информираат дека немаат добиено комплети печатени учебници за сите наставни предмети согласно наставниот план и програма, што укажува дека учениците од овие одделенија ја започнаа учебната година со материјали за учење во печатена форма, во кои се обединети содржини од неколку наставни предмети. Народниот правобранител го нотираше и немањето учебници по наставниот предмет Англиски јазик и оваа учебна година, па наместо користење учебник, според наводите, наставниците и учениците се служат со извадоци од постари учебници и други извори на материјали согласно наставната програма. Сознанијата на Народниот правобранител се дека години наназад нема официјално одобрени учебници по Англиски јазик“, наведува правобранителот.

Ковачевски, Шаќири, Груби, Битиќи и Бесими на чело на Советот за образование 

Деновиве беше соопштено дека ќе се формира Совет за унапредување на образованието и науката, преку кој треба да се овозможи подобрување на квалитетот на образованието и науката, оптимизација во образованието, зајакнување на системите на евалуација и оценување, реформирање на наставните програми со нивна поголема насоченост кон резултатите од учење, подобра ориентираноста на програмите за стручно образование и обука кон потребите на пазарот на трудот, како и програмите во високото образование да ги отсликуваат потребите на пазарот на трудот.

Со работата на Советот ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски, а во состав ќе бидат министерот за образование и наука Јетон Шаќири, првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими и Педагошката служба како орган на државната управа во состав на Министерството за образование и наука.