Мате Римац најави претставување на роботакси. Еве кога ќе биде


Хрватскиот претприемач и иноватор Матер Римац, кој се прослави со електричниот автомобил „Невера“, денеска на Фејсбук  најави презентација на прототип на роботакси. „Ајде луѓе – доаѓа роботакси! Откријте го на 26 јуни 2024 година“, напиша Римац во видеото кое можете да го погледнете во продолжение.

Римац е основач на „Римац автомобили“ и на „Project 3 Mobility“ (P3)

Од компанијата на Римац соопштија дека работниот прототип ќе пристигне кон средината на годината. Компанијата P3 на Римац веќе најави претходно дека кон средината на оваа година официјално ќе претстават работен прототип на автономно електрично возило, па според се, денешната фејсбук најава би можела да се однесува токму на тоа.

„Во средината на годината, P3 официјално ќе го претстави работниот прототип на нашето автономно електрично возило“, изјави за Јутарњи на почетокот на јануари Марко Пејковиќ, косопственик и извршен директор на P3.

Компанијата на Римац „Project 3 Mobility“ пред 10 дена објави дека ја лансира првата од серијата фази на тестирање на системот за автономно возење во градот Загреб. Првата активност во таа фаза е собирање податоци за сообраќајот.

За таа цел ќе се користат стандардни комерцијални возила опремени со напредна технологија потребна за мапирање на патишта, велат од компанијата. Тие додаваат дека податоците за сообраќајот, како што се ширината на сообраќајните ленти, коловозите, сообраќајните знаци и други ознаки, се неопходни за валидација на системот за автономно возење и калибрација на сензорите во сообраќајната средина во Загреб.

Од P3 најавија дека во наредните месеци ќе спроведат бројни активности и тест фази на идната услуга. Во текот на овие фази, ќе се користат различни тест возила кои нема да изгледаат како последното возило што го развива P3. За собирање податоци ќе се користат возила опремени со напредни сензори и технологија од Mobileye, партнер на „Project 3 Mobility“ и глобален лидер во решенијата за автономно возење.

За време на фазата на собирање податоци, возилата ќе ги возат квалификувани тест возачи ангажирани од „Project 3 Mobility“, се вели во соопштението.

Неодамна беше објавено дека Римац купува готов израелски роботски такси систем од Mobileye.

Во Националниот план за закрепнување и отпорност од 2021 година, врз основа на кој доби речиси 180 милиони евра европски пари за проектот роботакси, компанијата на Римац соопшти: „За самиот систем за автономно возење, т.е. вештачката интелигенција која ги контролира возилата со помош на сензори и камери, избравме компанија која е меѓу 3-те водечки во светот на тоа поле и на тој начин обезбедивме максимална безбедност во сообраќајот кога возниот парк ќе излезе на улиците.“ 

Во истиот документ ветија петто ниво на автономија на роботаксито, но како што пишува Индекс.хр, четвртиот степен на автономија е купен од Израелците. Не е јасно како точно Римац планира да го достигне петтото ниво на автономија.

Инаку, терминалот за роботакси требаше да биде готов во 2022 година, а рокот за пуштање на комерцијалната услуга беше 2025 година.

Проектот се развива од страна на компанија од „Римац груп“ под името Project 3 Mobility (P3M). Нивното седиште е во Загреб, а имаат и истражувачки центар во Велика Британија. На официјалната веб-страница на P3M е наведено дека планираат да воведат роботакси на улиците на Загреб во 2026 година, а потоа и во Велика Британија и Германија следната година. Групацијата Римац планира P3M да остане со седиште во Хрватска, каде годишно ќе се произведуваат и извезуваат десетици илјади возила, пишува Индекс.