Масовните протести во Полска ја изненадија дури и опозицијата, Туск: Останав без зборови


Масовни протести на опозицијата и граѓаните се одржаа во Варшава, главниот град на Полска, каде според официјалните податоци се собраа околу половина милион жители.

Иако се очекуваше на протестите да се појават од 50 до 100 илјади граѓани, многу е поголем бројот на незадоволни граѓани од работата на надлежните, а задоволството по завршувањето на протестите не го криеја организаторите на протестите.

„Сметавме на 200.000 учесници на маршот. Во вагоните што ги изнајмивме имаше речиси 20.000 луѓе. Засега сме шокирани што таа бројка е надмината”, изјавиле организаторите на маршот за полскиот портал Онет.

По завршувањето на демонстрациите, Граѓанската платформа, најголемата опозициска партија во Полска, излезе со официјално соопштение.

„Ве видовме не само во Варшава туку и низ цела Полска. Ви благодариме што бевте со нас и покрај сѐ“, рекоа тие.

Лидерот на партијата Доналд Туск даде куса објава на Твитер и сподели една од фотографиите од улиците на Варшава.

„Јас сум без зборови“, рече тој.

За време на протестот, Туск неколку пати повтори дека овој марш е всушност најголемиот собир во историјата на демократска Полска.

„Дали навистина вреди да се бараат разлики меѓу нас. На крајот на денот, тие што сме тука, сакаме слободна, безбедна, Полска која го почитува законот. Сакаме чиста и зелена, самоуправна Полска и сакаме европска Полска. Полска е љубов. Љубовта кон земјата, нејзините сонародници и нејзината историја. Нема Полска без љубов, солидарност и слобода“, рече Доналд Туск.

Инаку, парламентарните избори ќе се одржат во Полска на есен 2023 година, каде најголемата битка ќе се води токму меѓу Граѓанската платформа на Туск и владејачката конзервативна партија Право и правда.