Масовниот убиец Брејвик ја тужи Норвешка


Андреас Беринг Брејвик, екстремно десничарскиот терорист кој уби 77 луѓе во Норвешка во 2011 година, денеска ќе побара од судот да ја прекине неговата изолација, тврдејќи дека тоа ги крши неговите човекови права. Брејвик, кој испрати копии од својот манифест пред крвавата кампања, ја тужи државата во обид да ги укине ограничувањата на неговата комуникација со надворешниот свет.

Во 2011 година, Норвежанецот прво уби осум лица со автомобил-бомба, а потоа уби 69 посетители на состанокот на млади лабуристи на островот Утоја. Неговиот случај е тест за земјата која и понатаму е засегната од неговиот чин, а во исто време се гордее со правосудниот систем кој ја нагласува рехабилитацијата на затворениците.

Брејвик се наоѓа во дел од строго обезбедуваниот затвор Рингерик, кој се наоѓа на околу 70 километри северозападно од Осло, на езерото каде што се наоѓа нападнатиот остров. Ова е трет затвор во кој се наоѓа. Тој има на располагање сала за вежбање, кујна, дневна соба и бања, покажуваат фотографиите на новинската агенција НТБ. Со него се и три мали птици кои слободно летаат.

Неговиот адвокат тврди дека повеќе од една деценија „без значајна интеракција“ оставило негативна трага врз него. „Сега има суицидни мисли“, додаде Ојштајн Сторвик. „Тој зависи од антидепресивот Прозак за да помине еден ден во затвор. Адвокатите кои го застапуваат Министерството за правда тврдат дека Брејвик мора да остане во изолација бидејќи и понатаму е безбедносна закана.

Одлежува 21 година затвор
Неговата изолација е наречена „релативна“ затоа што комуницира со чувари, свештеник, здравствени работници и до неодамна со волонтер кој повеќе не сака да го гледа. Покрај тоа, Брејвик секоја втора недела поминува по еден час со двајца затвореници.

Контролата врз неговите контакти е оправдана со ризикот да се влијае и на другите да извршат криминал. „Ова особено се однесува на контактите со крајнодесничарските кругови, вклучително и луѓе кои сакаа да стапат во контакт со него по терористичкиот акт на 22 јули 2011 година“, напишаа адвокатите.

Брејвик отслужува 21 година затвор, што е најдолгата казна што може да ја изрече норвешкиот суд, но таа може да биде продолжена доколку се процени дека тој и понатаму претставува опасност за општеството. Сослушувањето за случајот на Брејвик се одржува во понеделник, а одлуката се очекува во наредните недели.