Масовната вакцинација во Бугарија траеше само пет дена


Поради огромната заинтересираност за вакцинација за неколку дена се потрошија сите залихи. Незадоволен од „АстраЗенека“, министерот за здравство ги пренесе своите надежи кон вакцината на „Џонсон и Џонсон“

 

(Од нашиот дописник)                                                                                                                                                                    Јовка Димитрова

СОФИЈА – Бугарските власти беа принудени да ги затворат пунктовите за вакцинација во четвртокот, пет дена по нивното бучно отворање, поради недостиг на вакцини.

Во петокот, владата одлучи да отвори 352 пунктови во болници, клиники и здравствени центри, каде што секој може да се вакцинира. За пет дена, поминале 15.168 лица, во споредба со нешто повеќе од 17.000 вакцинирани во 45 дена порано.

Масовната вакцинација, која владата планираше да започне откако се вакцинирани приоритетни групи со поголем ризик од инфекција, беше нарачана лично од премиерот Бојко Борисов. Големиот интерес за изненадувачката масовна кампања доведе до брзо исцрпување на достапните количини на вакцини на британската компанија „АстраЗенека“, кои беа понудени на пунктовите.

Министерот за здравство, Костадин Ангелов, го обвини производителот, кој подоцна ја извести владата дека дополнително ќе ги намали залихите за март поради тешкотии во производството. Од неговите зборови стана јасно дека властите биле свесни за намалените испораки на 22 февруари, кога биле примени 33.000 дози, помалку од договореното.

Не е јасно кога ќе продолжат масовните вакцинации. Во сабота навечер се очекуваат 52.000 дози од вакцината на „АстраЗенека“. Министерот за здравство увери дека половина од нив ќе бидат распределени меѓу матичните лекари за да започнат вакцинирање на најризичната група на луѓе над 65 години, во која спаѓаат 1,8 милиони бугарски граѓани.

Незадоволен од „АстраЗенека“, министерот за здравство ги пренесе своите надежи кон вакцината на „Џонсон и Џонсон“, која чека одобрување од европскиот регулатор на лекови. Од него се очекуваат 2 милиони дози. Вакцините на „АстраЗенека“ се најголемиот дел од портфолиото на вакцини на Бугарија со 4,5 милиони дози нарачани до септември. Според министерот Ангелов, од нив ќе дојдат само 40 отсто.

Од декември, Бугарија прими вкупно 292.180 дози вакцини од „Фајсер/Бионтек“,„АстраЗенека“ и „Модерна“, од кои се искористени 188.512.

На заднината на бавната вакцинација, ширењето на вирусот се зголемува, бидејќи претседателот на штабот за борба против епидемијата, Венцислав Мутафчииски, објави дека зголемувањето е за 25% неделно. Во петокот се регистрирани 1.822 нови случаи или 14 проценти од примероците. Во болниците има над 4.360 лица, а 370 се на интензивна нега. Во вторникот, бројот на жртвите од почетокот на пандемијата надмина 10.000.

И покрај зголемувањето на бројот на пациенти, владата одлучи да ги отвори рестораните на 1 март, откако нивните сопственици се заканија со протести и граѓанска непослушност. Така, единствените што останаа затворени се ноќните клубови, кои имаат ветување од владата да продолжат со работа на 1 април.