Mасовен украински напад со дронови врз рафинерија и индустриски капацитети во Татарстан


Најмалку 13 лица загинаа, а 39 се повредени во масовен украински напад со дронови врз градот Нижњекамск во руската република Татарстан, соопштија локалните власти. Меѓу жртвите има и дете, а нападот предизвика големи штети врз индустриските капацитети, вклучувајќи ја и големата рафинерија за нафта ТАНЕКО. Градоначалникот Радмир Бељаев потврди дека се погодени повеќе локации, додека руските власти прогласија ден на жалост во регионот.

Цел на масовниот удар со дронови беше и рафинеријата ТАНЕКО во сопственост на компаниијата Татнефт, која важи за еден од најважните и најнапредните енергетски објекти во Русија. Локалните власти соопштија дека во нападот биле зафатени индустриски и цивилни објекти, а на социјалните мрежи се појавија снимки од кои се гледа густ чад над комплексот.

Ова не е првпат овој енергетски гигант да биде цел на украинските сили. Украинската војска изврши удар врз истата рафинерија и во јуни годинава, во рамки на кампањата за намалување на руските капацитети за преработка на нафта. Рафинеријата ТАНЕКО има годишен капацитет за преработка од 17 милиони тони сурова нафта и произведува милиони тони дизел и бензин.

Нижњекамск се наоѓа на повеќе од 960 километри од украинската граница, што уште еднаш ја потврдува зголемената способност на Киев да изведува прецизни напади длабоко во внатрешноста на Русија. Во последните неколку недели, Украина редовно гаѓаше воени и енергетски објекти на оддалеченост поголема од 1.000 километри, вклучувајќи локации во Саратовската област и во Башкортостан.

Москва соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана пресретнала и уништила 285 украински дронови во период од 12 часа, главно над централните и западните региони. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, потврди дека пет беспилотни летала биле соборени додека летале кон руската престолнина.

Истовремено со нападите во Русија, Светската здравствена организација објави дека нејзиното хуманитарно складиште во украинскиот град Днипро било целосно уништено во руски напад. Шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, изјави дека во инцидентот нема жртви бидејќи персоналот го напуштил објектот претходно истиот ден.

„Нападите врз здравствениот систем мора да престанат. Во спротивно, луѓето остануваат без здравствена заштита која спасува животи. Дури и војните имаат правила, а едно од нив е дека здравството мора да биде заштитено“, порача Гебрејесус.