Маските паднаа, но короната не е умрена

Низ маркетите денеска може да се забележи дека дел од потрошувачите и од продавачите носат маски, а дел не


Фото: Б. Грданоски

Од денеска, по цели две години се укина задолжителното носење на заштитна маска од Ковид-19, со исклучок во јавни превозни средства (автобус, воз, авион, такси), здравствените установи, аптеките, установите за згрижување на стари лица и лица со попреченост.

Низ маркетите денеска може да се забележи дека дел од потрошувачите и од продавачите носат маски, а дел не. Според нив, секој може сам да одлучи дали ќе носи маска или не, а оние продавачи кои носеа маски, велат дека секој ден се среќаваат со многу луѓе, а маската ја доживуваат како дополнителна заштита, затоа што короната сѐ уште постои.

– За жал се уште не можеме (короната) да ја прогласиме за умрена. Комисијата за заштита од заразни болести, во моментов заседава и се надевам дека ќе има мерки по однос на резултатите од Институт за јавно здравје – рече министерот за здравство Беким Сали, прашан за можните нови мерки кои Комисијата денеска би ги донела.

Тој смета дека временски не може да прецизира кога би се тргнале сите мерки.

– Постојано секоја недела нешто олабавуваме, а во меѓувреме анализираме дали одлуката била правилна – додаде Сали.

По предлог на Комисијата за заразни болести, вчера беше прифатена и одлуката за укинување на забраната за организирање екскурзии и настава во природа во основните и средните училишта и се дозволува работата со физичко присуство на лекарските комисии за утврдување на надоместоци за попреченост и комисиите за утврдување право на помош и нега од друго лице.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, минатата недела во период од 4 до 10 април забележано е дека продолжува да се намалува бројот на заразени, хоспитализирани и починати од Ковид-19. Процентот на позитивност се движи од 2,4 до 10,6 проценти, просечно 7,3 отсто.

Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата достигна 307.967, бројот на оздравени пациенти е 297.600, на починати е 9.256, а активни се 1.111 случаи.