(ВИДЕО) Маската задолжителна на целата територија на државата


Премиерот Оливер Спасовски изјави дека борбата со корона вирусот се уште е во својот врв. Според него, несомнено таа состојба ќе потрае, а колку долго, можеме да влијаеме и ние како граѓани и индивидуи со начинот како ќе живееме.

„Мерките дадоа ефект. Бројките покажуваат дека имаме мал број заразени лица што се загрозена категорија и има повеќе оздравени од новозаболени“, оцени премиерот објавувајќи ја одлуката за намалување на рестрикциите.

Намалувањето на рестриктивните мерки, според него, не смее да значи опуштање туку напротив, дека се зголемува сечија лична одговорност. Тој објави дека при секое излегување надвор строго треба да се придржуваме до мерките за лична заштита,односно носење маска или шал и држење дистанца од два метри. Тоа ќе овозможи контрола на ширењето на вирусот и заштита на граѓаните, пред се бидејќи значаен процент од заразените од корона вирусот се асимптоматски.

-Задолжително ќе биде носењето маска , шал или друга заштита на територијата на целата држава од утре. Маските или марамите треба да се носат во јавниот сообраќај, во затворен и во отворен простор, т.е. на пазарите.На отворено маска нема да се носи ако престојувате во двор, ако возите велосипед, спротувате или сте со семејството во возило, извести премиерот.

Околу забраната за групирање на повеќе од две лица премиерот рече дека тоа е активна мерка одамна и останува, при што деца под 14 години не се бројат во таа група. Задолжителна ќе биде самоизолацијата по тестирање, се до добивање на резултатот од тестот,а таа состојба ќе трае до крајот на пандемијата.

-Ваквото релаксирање на мерките ќе овозможи поголем простор за завршување на обврските. Намерата на Владата не е да казнува, туку да се подигне свеста од потребата за почитување на мерките. Тие мерки водат кон стабилизаија и нормализација на животот, порача Спасовски.Потоа тој додаде:

-Со тоа што издржавте и останавте дома во клучниот период вие бевте јунаците и влијаевте на забавување на епидемијата. Пикот е се уште тука, но ефектите од почитувањето на мерките се видливи, рече Спасовски.

Тој не сакаше да прејудицира кој ќе биде следниот сет на мерки, иако начелно најави дека по првомајските празници може да има дополнителни олеснувања.

Зошто се преземаат вакви мерки кога се приближува врвот на епидемијата, беше прашање на новинар на кое премиерот одговори дека причина за тоа е моменталната состојба ,т.е. рапидното зголемување на бројот на излечените и намалување на новозаболените. Тој очекуваше целта ситуација се повеќе да се релаксира.