Маск тврди дека го ограничил интернетот во Украина за да спречи Трета светска војна


 

Илон Маск верува дека ограничувањето на Старлинк за употребата на сателитски интернет сервис од страна на украинската војска за контрола на беспилотни летала е неопходно за да се спречи конфликтот да ескалира во светска војна.

„Старлинк е комуникацискиот столб на Украина, особено на првите борбени линии, каде што е уништена речиси целата друга интернет конекција. Но, нема да дозволиме ескалација на конфликтот што може да доведе до Трета светска војна“, напиша Маск на Твитер како одговор на барањето на поранешен астронаут на НАСА за враќање на целосниот пристап до Интернет за украинските сили.

Американската вселенска компанија „Спејс икс“, основана од Маск, ја користи својата услуга Старлинк за да обезбеди интернет за Украина од почетокот на конфликтот, бидејќи инфраструктурата на Украина е тешко оштетена од руските напади.

Минатата недела, извршната директорка на „Спејс икс“, Гвин Шотвел, рече дека услугата, која ја користеле украинските сили за контрола на беспилотни летала, „никогаш не требало да биде вооружена“, додавајќи дека компанијата презела чекори за ограничување на неговата употреба, без да прецизира какви мерки се преземени.

Оваа вест предизвика бурни реакции во Украина, а советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак напиша дека компаниите мора да одлучат дали се „на страната на Украина и правото на слобода“ или „на страната на (Русија) и нејзината „право“ да се убиваат и ограбуваат територии“.