Маск се огради, брзината на сателитиските комуникации ги контролирала владата на САД


Илон Маск ја префрли одговорноста за ограничувањата на сателитските комуникации „Starshield“ во Украина врз владата на САД, наведувајќи дека американското воено раководство, а во крајна линија и претседателот Доналд Трамп, ги контролираат оперативните ограничувања на системот.

Маск објасни дека „Starshield“ е во сопственост и под контрола на владата на САД, која ги одредува ограничувањата за неговата брзина и употреба. Тој направи разлика помеѓу овој систем и „Starlink“ – комерцијалната сателитска услуга на „SpaceX“ – за која рече дека е ограничена на цивилни и одбранбени активности и не може да се користи за офанзивни воени операции.

Ова појаснување доаѓа по извештаите дека брзината на интернетот преку „Starshield“ во Украина била ограничена, што наводно ги попречило нападите со долг дострел врз руски цели, како и обидите за пресретнување на руски беспилотни летала на млазен погон.

Ваквата разлика значи дека одговорноста за оперативните ограничувања на „Starshield“ лежи кај Вашингтон, а не кај „SpaceX“. Доколку пријавените ограничувања продолжат, тие би можеле значително да влијаат врз капацитетите на Украина за напади со долг дострел и одбрана од беспилотни летала, што отвора сериозни прашања за доверливоста на американската воена поддршка во критична фаза од руската војна.

Интересно е што, само неколку часа претходно, портпаролот на Путин изјави речиси сосема истото.

„Би било подобро ваквите брилијантни технологии, како што е ’Старлинк‘, воопшто да не се користат за воени цели“, рече Песков.

Украински претставници исто така се сомневаат дека Трамп му наредил на Илон Маск да го ограничи пристапот на земјата до терминалите „Старлинк“. Овие сомнежи, кои не се потврдени, укажуваат на тоа до која мера се влошиле односите меѓу САД и Украина во последните недели.

Шестчасовните мировни преговори во голф-клубот на Стив Виткоф на Флорида требаше да бидат посветени на ставање крај на војната, сè додека пратениците на Трамп не објавија дека санкциите за рускиот дизел ќе бидат укинати, а Украина треба да престане со нападите врз руските рафинерии.

Кога еден украински преговарач праша што ќе добие Киев за возврат, Американците одговорија дека САД веќе прават многу, спомнувајќи ги разузнавачките податоци што ги споделуваат – што некои присутни го протолкуваа како прикриена закана.

Еден американски функционер негира каква било закана, но признава дека Трамп е толку лут што е тешко да се предвиди неговиот следен потег. Следното патување на Виткоф и Џеред Кушнер во Москва сега е ставено во мирување, сè додека Зеленски не ги изглади односите со Трамп, кој вели дека на Украина ѝ е потребен „нов претседател“.

Овој раздор предизвикува поделби и кај Републиканците; сенаторот Том Тилис предупреди дека договорот може да претставува кршење на законот, кој наложува Конгресот да биде известен пред укинувањето на санкциите.

Ова е најсериозниот раскол меѓу САД и Украина по минатогодишниот инцидент во Овалната соба. Сè се случува три недели пред изборите на средината на мандатот, а доколку дотогаш цената на дизелот не падне под 6,28 долари за галон, Вашингтон ќе заврши со нарушени односи со сојузник и поделена сопствена партија – а притоа нема да може да покаже никаков опиплив резултат на бензинските пумпи.

Зеленски го обвини Трамп дека постигнува договори со Путин „зад грбот на Украина“, додека украинската преговарачка делегација престојува на Флорида. Тој изјави дека САД ѝ даваат на Русија „дополнителни средства за водење војна против Украина“ и тврди дека делегацијата на Киев се користи како „димна завеса“. Зеленски го нарече овој потег „дефинитивно неправеден“, „апсолутно непартнерски“ и „слаба одлука на силни партнери“.