Маск ја пофали американската порота бидејќи ја отфрли тужбата на инвеститорите против него


 

Илон Маск, главниот извршен директор на компанијата за електрични автомобили „Тесла“, ја пофали во саботата одлуката на поротата во Сан Франциско да ја отфрли колективната тужба поднесена против него од страна на инвеститорите на компанијата.

„Фала му на небото, мудроста на народот победи!“, напиша Маск на Твитер откако деветчлената порота одлучи во петокот дека тој не е одговорен за финансиските загуби на тужителите на берзата.

„Длабоко го ценам едногласниот став на поротата за невиност во случајот со приватизацијата на ‘Тесла’“, додаде Маск на социјалната мрежа што ја купи за 44 милијарди долари во октомври.

Судењето се фокусираше на две негови објави на Твитер од 2018 година, во кои Маск објави дека сака да ја повлече „Тесла“ од берзата. Односно, се фокусираше на неговите тврдења дека финансирањето на тој план е обезбедено и дека ужива широка поддршка од инвеститорите.

„Господин Твит“

Подоцна се покажа дека не станувало збор за писмена поддршка и дека многу клучни инвеститори сакале „Тесла“ да остане на берзата. Маск набрзо потоа се откажа од намерата.

Обвинителите инсистираа на тоа дека тврдењата на Маск се измама што предизвика флуктуација на цената на акциите на „Тесла“, предизвикувајќи тие да претрпат финансиски загуби. Адвокатот на Маск за време на правната постапка рече дека шефот на „Тесла“ можеби бил непрецизен во изборот на зборови, но дека усно му биле ветени доволно пари за планот.

Адвокатот на тужителите, пред поротата да ја објави својата одлука, за време на испрашувањето случајно го нарекол Маск како „Господин Твит“. Милијардерот потоа привремено го смени името на својот Твитер профил во „Господин Твит“.