Маск досега потрошил 366 милиони долари на американските среднорочни избори

Милијардерот ги троши парите за да спречи републиканците да не ја загубат контролата во Конгресот


 

Милијардерот Илон Маск досега потрошил приближно 366 милиони долари за американските среднорочни избори во ноември 2026 година, при што 276 милиони долари од таа сума се потрошени од јули наваму за да им се помогне на републиканците да ја задржат контролата врз Конгресот.

Според податоците за финансирање на кампањите, дарежливите финансиски донации на Маск веројатно ќе го направат најголем поединечен политички донатор во овогодишната изборна кампања.

Влогот е голем за Маск бидејќи демократите во Претставничкиот дом инсистираат на истраги за владините договори што ги има неговата компанија „Спејс-икс“, како и за неговата работа на чело на Одделот за владина ефикасност на почетокот на вториот мандат на Доналд Трамп.

Податоците покажуваат дека Маск донирал 158 милиони долари за друг комитет за политичка акција формиран за поддршка на изборот на републиканци во Сенатот; овој комитет е поврзан со лидерот на републиканците во Сенатот, Џон Тун од Јужна Дакота. Донирани се 20 милиони долари за комитет за политичка акција формиран за поддршка на републиканците во Претставничкиот дом, поврзан со претседавачот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон од Луизијана. Десет милиони долари отишле за комитет за политичка акција што ја поддржува кандидатурата за Сенатот на главниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон. Дополнителни 10 милиони долари биле обезбедени за Асоцијацијата на републикански гувернери, а 2 милиони долари за Асоцијацијата на републикански главни обвинители.

Нето-богатството на Маск оваа година варираше околу границата од 1 билион долари во зависност од промените на цените на акциите, но според списанието „Форбс“, тој повторно ја надминал таа граница минатата недела, забележува Асошиетед прес.

Републиканците имаат огромна финансиска предност пред демократите – јаз што претставува една од ретките добри вести за партијата додека таа се подготвува за можни тешки изборни загуби, среде силното незадоволство на гласачите од работата на претседателот Доналд Трамп, високите цени и непопуларната војна со Иран.

Републиканците ги користат овие средства за да ги преплават медиумите со пораки од кампањата во завршната фаза од трката. Демократите реагираа на веста за финансирањето од страна на Маск обвинувајќи ги републиканците дека користат огромни суми пари за да ги прикријат своите слабости.